По повод годишнината ќе се организираат разни собири и миси во спомен на жртвите низ САД
Во САД денеска со едноминутно молчење, читање на имињата на жртвите и волонтерски акции ќе биде одбележана 21-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Роднините на жртвите ќе се соберат на местата каде што се урнаа авионите киднапирани од терористи – Светскиот трговски центар во Њујорк, Пентагон и поле во Пенсилванија.
По повод годишнината ќе се организираат разни собири и миси во спомен на жртвите низ САД.

Некои Американци се приклучуваат на волонтерски акции за да им оддадат почит на жртвите.
Американскиот претседател Џозеф Бајден по тој повод ќе се обрати и ќе положи венец во Пентагон, соопшти Белата куќа.
Првата дама Џил Бајден ќе зборува на Националниот споменик на летот 93 во Шенксвил, Пенсилванија.
Потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг ќе присуствуваат на комеморативна церемонија во Националниот меморијален центар 11 септември во Њујорк.
Во нападите на 11 септември загинаа вкупно 2.977 луѓе, не сметајќи ги 19-те киднапери. Нападите од Авганистан ги испланирала на екстремистичката исламистичка мрежа Ал Каеда.
Предводена од Осама бин Ладен, Ал Каеда ги обвини САД и нивните сојузници за војната во муслиманскиот свет.
Помалку од еден месец по нападот, тогашниот американски претседател Џорџ Буш почна инвазија врз Авганистан, поддржана од меѓународната коалиција, за да се искорени Ал Каеда и да се најде Бин Ладен.
Меѓутоа, дури во 2011 година американската војска конечно го лоцира и го уби Бин Ладен во соседен Пакистан.
Беа потребни повеќе од осум месеци за да се расчисти „Нулта точката“ – местото каде што се урнаа кулите близначки. На таа локација сега има споменик и музеј, а зградите повторно се изградени, но со поинаков изглед.