Одлуката доаѓа по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан одржана синоќа во Вашингтон
Унгарија добие едногодишно изземање од новите санкции поврзани со користењето руска нафта и гас од страна на Соединетите Американски Држави. Оваа одлука следи по личната интервенција на премиерот Виктор Орбан за време на неговата вчерашна средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, пренесе „Гардијан“.

Орбан, кој важи за еден од најблиските европски сојузници на Трамп, го убедувал лидерот на САД дека Унгарија нема алтернатива на руската енергија поради географската положба и зависноста на домашната економија.
„За нас тоа е прашање од витално значење, да не добиваме нафта и гас од Русија би имало сериозни последици за унгарскиот народ и економијата,“
рекол Орбан на средбата.
Администрацијата на Трамп минатиот месец воведе санкции против руските енергетски гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“ во рамките на новиот пакет мерки за Украина, предупредувајќи дека и земјите кои ќе продолжат да купуваат нафта од тие компании може да се соочат со последици.
Но, по средбата со Орбан, Белата куќа направи исклучок. Американски официјален извор потврди дека освен што добила едногодишно изземање од санкциите, Унгарија се обврзала да купи американски течен природен гас во вредност од околу 600 милиони долари. Трамп покажа разбирање за позицијата на Будимпешта, велејќи дека за Унгарија е многу потешко да се снабдува од други извори, бидејќи нема пристаништа и излез на море. Според Меѓународниот монетарен фонд, во 2024 година Унгарија зависела од Русија за 74 отсто од гасот и 86 отсто од нафтата што ја користи. ММФ предупредува дека евентуален целосен прекин на рускиот гас во рамките на ЕУ би можел да ја чини унгарската економија повеќе од 4 отсто од БДП.
Темата за војната во Украина исто така била на агендата на состанокот. Трамп, кој се обидува да го врати својот влијателен дипломатски имиџ, кажа дека Русија сè уште не сака да престане со борбите, но дека очекува конфликтот да заврши. На прашањето дали Украина може да победи, пак, Орбан рече оти е можно да се случат чуда. Двајцата лидери разговарале и за идната економска соработка, при што Орбан најави нова златна ера во односите меѓу двете земји и го искористи моментот да упати критика за администрацијата на Џо Бајден.
