Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Каролин Лeвит, во објава на социјалната платформа Икс напиша дека американскиот претседател ќе има обраќање до нацијата денеска навечер, во кое ќе објави важни информации во врска со конфликтот со Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) би можеле да ја завршат својата воена операција против Иран во рок од две до три недели, додавајќи дека Ормускиот Теснец, кој е блокиран од Исламската Република, веќе не е негов проблем, пренесоа светските медиуми.

Според новинските извештаи, станува збор за досега најјасна изјава на Трамп дека има намера наскоро да ја заврши војната која трае еден месец и која предизвика хаос на Блискиот Исток и ги наруши глобалните пазари за енергенси.
„Наскоро ќе си одиме. Заминувањето би можело да се случи во рок од две недели, можеби две недели, можеби три“,
изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба во Белата куќа.
Говорејќи во тој контекст, американскиот претседател додаде дека Техеран не мора да склучи договор со Вашингтон за завршување на конфликтот.
„Иран не мора да склучи договор, не, тие не мора да склучат договор со мене“,
рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање дали успшената дипломатија е предуслов САД да ја завршат војната со Иран.
Наместо тоа, Трамп изјави дека условот за суспендирање на воената операција бил Иран да биде „ставен во камено време“, без можност да развие нуклеарно оружје во скоро време.
„Тогаш ќе си одиме“,
рече претседателот на САД.
Во врска со Ормускиот Теснец, тој кажа дека водениот премин не е негов проблем и дека која било друга земја која сака нафта или гас, ќе мора самата да го реши проблемот со блокадата. Притоа тој директно ја спомена Франција.
„Ако Франција или која било друга земја сака своја нафта или гас, ќе одат директно во Ормускиот Теснец и ќе се снајдат сами. Мислам дека тоа всушност ќе биде многу безбедно место, но ние немаме никаква врска со тоа“,
рече тој.
Инаку, Трамп и вчера утрото изјави дека САД веќе „нема да бидат таму“ за да им помагаат на земјите чии резрви на нафта зависат од стратешкиот теснец, кој Иран го блокира на почетокот на конфликтот пред еден месец.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Каролин Лeвит, во објава на социјалната платформа Икс напиша дека американскиот претседател ќе има обраќање до нацијата денеска навечер, во кое ќе објави важни информации во врска со конфликтот со Иран.
„Утревечер во 21 часот по локално време (2 часот според средноевропско време), претседателот Трамп ќе се обрати до нацијата за да обезбеди важни нови информации за Иран“,
напиша Левит.
TUNE IN: Tomorrow night at 9PM ET, President Trump will give an Address to the Nation to provide an important update on Iran.
— Karoline Leavitt (@PressSec) March 31, 2026
Вчера претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, изјави дека неговата земја ја има потребната волја да ја заврши војната со САД и Израел, доколку се исполнат одредени услови, пренесе Би-би-си.
Коментарите Пезешкијан ги наведе во телефонски разговор меѓу него и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а кои првичнобеа објавени од иранските државни медиуми.
Сепак, како што наведува британскиот национален радиодифузер, наводите дека постои волја кај Иран доаѓаат со сериозни предупредувања и барања гаранции дека нема да има враќање на конфликтот.
