Иако првично беше соопштено дека во поплавите што ја погодија Босна и Херцеговина загинаа 21 лице, според последните информации од владата, официјално загинале 17, а се трага по 12 лица
Од рано утринава спасувачи и доброволци неуморно трагаат по исчезнатите лица во селото Долна Јабланица во централниот дел на Босна и Херцеговина кое е затрупано со отпад, песок, кал и камења од каменоломот што се урна и со себе донесе огромни количини вода во големите поплави што ја погодија земјата вчера.
Во спасувачката мисија се вклучени припадници на Цивилната заштита, планинарски спасувачки служби, полицијата и пожарникари кои се обидуваат да се пробијат до отсечените куќи во кои се верува дека се наоѓаат најголемиот број исчезнати лица. Градоначалникот на Општина Јабланица, Дамир Шабановиќ, рече дека се распоредени голем број спасувачи кои работат на терен.
„Вложуваме максимални напори да им помогнеме на сите, да спасиме луѓе и предмети“,
кажа тој.
Иако првично беше соопштено дека загинале 21 лице, според последните информации од владата, биле пронајдени 17 тела, додека пак во Долна Јабланица официјално како исчезнати се водат 12 лица.
Сообраќајот на главниот автопат кон Мостар сè уште е во прекин бидејќи дел од патот пропадна во реката Неретва. Во Општина Коњиќ има голем број населени места кои сè уште се отсечени од светот. Материјалната штета е огромна, а помош за Босна и Херцеговина најавија и Европската Унија и соседните Хрватска и Србија, како и други земји.