И покрај лошите услови и слабата видливот, нуркачки тимови од специјалните единици „Волци“ и „Тигар“, како и припадници на ДЗС, продолжуваат со потрагата по мажот што на 30 јули исчезна во водите на вештачкото езеро на браната „Глажња“
Шест нуркачи од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и осум други од Баталјонот за специјални намени „Волци“, заедно со припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска ја продолжија потрагата по мажот кој на 30 јули исчезна во водите на вештачкото езеро на браната „Глажња“.

Се пребарува дното на езерото, но и езерскиот брег, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој заедно со директорот на ДЗС, Беким Максути, е на местото на настанот.
„За жал условите и денеска се лоши, видливоста е многу слаба. На само неколку метри од брегот длабочината доаѓа до повеќе од 10 метри, за на неколку метри од брегот да има длабочина поголема од 20 метри. Нашите нуркачи се обучени и нуркаат до максимум 40 метри длабочина“,
вели Ангелов.

Директорот на ДЗС, Беким Максути, пак, порача дека заедничките тимови на Дирекцијата и на МВР ќе продолжат со потрагата додека телото на исчезнатиот маж не биде пронајдено.
„Денешниот и двата последователни денови се критични за да бидеме успешни, односно да го пронајдеме лицето кое исчезна во водите на езерото минатата недела и со тоа да ја заокружиме една хумана мисија“,
изјави првиот човек на ДЗС.
Екипи на МВР и ДЗС веќе неколку дена трагаат по маж кој на 30 јули влегол во езерото на браната „Глажња“ во Липково и не излегол оттаму. Се работи за маж со иницијали Ф. Р. од село Никуштак, на возраст од 30 години.