Одговарајќи на прашање на БНТ на брифингот со бугарскиот премиер, претседателот на Европскиот совет кажа дека е лично вклучен во овој процес и оти очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во С Македонија
Како и шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, и премиерот Жељазков ја оценува како „апсолутно неоправдана и непотребна“ иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на на протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија поднесена неодамна до Уставниот суд на С Македонија
Единствен услов за Северна Македонија да го продолжи својот пат кон Европската Унија (ЕУ) е да го спроведе договореното од јули 2022 година. Ова го порачаа бугарскиот премиер Росен Жељазков и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на брифингот за новинарите што го одржаа вчера, пренесоа бугарските медиуми.

Во таа насока, премиерот на Бугарија, Жељазков, изјави дека кога станува збор за Република Северна Македонија, позицијата на Софија останува непроменета и дека единствениот пат кој води напред за Скопје е целосно спроведување на договорите од европскиот консензус од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија.
Тој, како што пренесоа БГНЕС и БНТ, потсетил дека владите на Бугарија предводени од лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, добро соработувале со владите на Северна Македонија кога на нивно чело беа Зоран Заев и Димитар Ковачевски и кога е потпишан Договорот за пријателство и добрососедство.
„Беше пронајден начин на дејствување што ќе им овозможи на РСМ, како и на другите балкански земји, врз основа на нивните сопствени заслуги, да напредуваат во процесот на пристапување. Компромисниот предлог за време на француското претседателство беше одобрен од Советот, доби одобрение од бугарскиот парламент и оттогаш ништо не се променило, ниту во однос на принципите, ниту во однос на пристапот, што би им дало основа на нашите колеги од Скопје да тврдат дека постои бугарски диктат“,
изјави Жељазков.
Тој додаде дека со одлука на бугарското Народното собрание оваа година била потврдена позицијата на Софија, дека нема да поставува други барања за обврски што треба да ги исполни земјава.
Како и шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, и премиерот Жељазков ја оценува како „апсолутно неоправдана и непотребна“ иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на на протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија, што неодамна до Уставниот суд на С Македонија ја поднесе поранешната пратеничка и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска.
„Верувам дека жалбата до Уставниот суд на Република Северна Македонија на потпишаниот потпротокол кон Договорот за добрососедство, кој предвидува годишен преглед на спроведувањето на договорот, беше апсолутно неоправдана. Никогаш не сме барале аргументи во внатрешнополитичките дебати во Република Северна Македонија, но се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и обврската да бидат вклучени во Уставот на Република Северна Македонија, ќе бидат исполнети, бидејќи тоа е предуслов за нивно продолжување по патот на полноправно членство“,
рече Жељазков.
Тој наведе и дека дека Бугарија, од нејзиното претседателство со ЕУ, многу јасно изјавила дека проширувањето на ЕУ, особено со земјите од Западен Балкан, е приоритет за Софија.
„Ова гарантира повисоко ниво на безбедност, повисоко ниво на просперитет за земјите од Западен Балкан со кои граничиме или се во непосредна близина“,
рече бугарскиот премиер.
Говорејќи во овој контекст, тој рече дека донесувањето одлуки со квалификувано мнозинство за прашања поврзани со проширувањето и надворешната политика ќе ја ослабне ЕУ, посочувајќи дека Унијата е силна кога е обединета.
„Само преку консензус можеме да ја одржиме довербата во ефикасноста на одлуките“,
рече Жељазков.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како што пренесе БНТ, рече дека во 2022 година Европската Унија ги одобрила условите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и дека земјава мора да ги исполни овие обврски за да постигне напредок во преговорите. Одговарајќи на прашање на БНТ, Кошта кажа дека е лично вклучен во овој процес и оти очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во С Македонија.
„Ги посетив и Бугарија и Северна Македонија. Разговарав многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски. И верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес. Северна Македонија долго време работи на овој процес“,
рече Кошта.
Тој наведе оти ги разбира негодувањата кои доаѓаат од Скопје бидејќи, како што кажа, С Македонија еднаш ги сменила Уставот, знамето, како и името на земјата, и дека она што е важно во моментот е да се изгради доверба.
„И, секако, тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни. Тоа може да ги подобри условите, конкурентноста во двете економии. Да се поврзат двата народа“,
наведе претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

За потсетување, шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев во официјално писмо упатено до своите колеги, министрите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), во понеделникот изрази загриженост за, како што вели во него, континуираното одбивање на Северна Македонија да го спроведе Договорот со Бугарија и да ги исполни своите обврски, донесени на ниво на Унијата.
Во писмото адресирано и до високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и до еврокомесарката за проширување Марта Кос, тој наведе Владата на С Македонија наместо да се придржува и да го спроведе договорениот пакет чекори, кој би го гарантирал нејзиното членство во ЕУ, води политика на конфронтација, обвинувања и постојани негодувања.
Како најнова, во според него серијата непотребни провокации од Скопје, тој ја посочи неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд на земјава за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија, која, според него била координирана со раководството на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Според Георгиев, станува збор за уште еден проблем што го прави С Македонија, со сериозни импликации за перспективата на земјата за членство во Европската Унија.
Прашана за коментар на писмото на Георгиев, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова во средата изјави дека ѝ е непријатно да коментира вакви изјави, како што, рече, е непријатно да се даваат коментари за работа на уставен суд.