Земјава, сепак, заостанува зад светскиот просек кога е во прашање процентот на население кое примило барем една доза на вакцина против ковид-19
Северна Македонија деновиве ја престигна Албанија по параметарот, колкав процент од населението примило барем една доза на вакцина против ковид-19. Со тоа, барем меѓу соседите, на земјава во моментов и оди подобро со вакцинацијата од Албанија, Бугарија и Косово, но значително полошо од Србија и, пред се, Грција.
Како што покажуваат податоците на интернет страницата наречена „нашиот свет низ податоци“, најдобра меѓу соседите на земјава е Грција. Кај јужниот сосед, целосно се вакцинирани 43,5% од населението а 8,29% примиле една доза. Во Србија, целосно се вакцинирани 38,82% од граѓаните а само 1,86% примиле една доза. Нискиот процент на население кое примило една доза и чека ревакцинација е показател дека во Србија се вакцинирале речиси сите што сакале и дека интересот за вакцинација спласнува. Во Северна Македонија, пак, целосно се вакцинирани 12,82% од населението, додека една доза имаат примено 8,59%. Спротивно од Србија, бројките за земјава покажуваат дека има интерес за вакцинација и дека стартот на процесот не бил брз. Од пред неколку дена, по Северна Македонија, е Албанија. Таму, целосно се вакцинирани 15,82% од граѓаните додека 4,92% чекаат ревакцинација. Бугарија, која беше и пред Северна Македонија и пред Албанија, сега е претпоследна во регионот. Целосно е вакцинирано 12,55% од населението, а само 2,35% ја примиле првата и чекаат втора доза. На дното во регинот е Косово, каде целосно се вакцинирани 3,14% од населението, а една доза има примено уште 6,31% од населението.
И покрај забрзаната вакцинација, земјава се уште е под светскиот просек според тоа колкав процент од населението добило барем една вакцина. Бројките за земјава велат дека една или повеќе дози добило 21,41% од населението, што е подобро само од просекот за континетот Африка, каде тој процент е 3,01%. Просекот во светски рамки е 26,11%, во Азија е 26,21%, во Австралија 27,99%, во Јужна Америка 37,59, во Северна Америка 44,98% и во Европа 45,64%.
Параметарот по кој земјава е во светскиот просек е процентот на целосно вакцинирани. Со вкупно 12,82% целосно вакцинирано население, земјава е подобра од просекот во Африка, Азија и Австралија.