Денеска во Скопје поддршка за ова донесе помошникот на американскиот државен секретар Помпео, кој е задолжен за енергетика Францис Фанон
Северна Македонија се вклучува во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос. Ова е резултат на средбите пред две недели што нашата делегација ги имаше на конференција во Грција, на која присуствуваше и американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Денеска поддршка за проектот пристигна од САД, преку помошникот на Помпео за енергетика, Францис Фанон, кој денеска е во Скопје.
„Со поддршка на САД како наш стратегиски партнер и сојузник во НАТО, Северна Македонија во наредниот период ќе иницира неколку проекти кои ќе бидат значајни за земјата и регионот. Станува збор за вклучување на земјата во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александропулос, проект кој создава можност за трајно и стабилно снабдување со гас на нашата земја, која ќе стане и точка од каде што гасот ќе се дистрибуира во регионот и земјите што ќе покажат интерес“,
објави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со Фанон.
Со ова поврзување се обезбедува уште една можност за добивање гас од Азербејџан.
„Она што го гледаме овде е навистина голема трансформација, гледаме еден нов енергетски развој. Грција е еден вид предводник во тоа со инфраструктура за прием на овие ресурси, со приклучување на помали земји во еден поголем пазар што ќе овозможи трансформациски економски напредок и на земјата и на целиот регион“,
оцени Фанон.
Местото на Северна Македонија во овој проект е важно во однос на географската положба како регионален центар, што ќе привлече американски инвестиции.
„САД имаат долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката во однос на зависноста од енергија и многу години, уште од времето на претседателот Реган, сакаат да промовираат диверзификација на енергија и се создава еден круг опции, се создава и пазар. Ако имате само еден извор, немате пазар, туку зависност“,
потенцира Фанон.
Заев рече дека покрај овој проект, американска поддршка има и за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје, за што се водат разговори со „Хеленик петролеум“, кој е изграден во 2000 година и престана да работи од 2013 година.
„Претстојат преговори со ‘Хеленик петролеум’ и се надевам ќе изнајдеме пријателско решение за овој капацитет да биде ставен во функција. Идејата на ‘Хеленик петролеум’ е да го надгради како продуктовод на деривати, со што ќе се создаде хаб-центар и, освен домашниот, би се снабдувале и пазарите на другите земји од регионот“,
рече Заев.
