За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен тест направен 72 часа пред патувањето
Од третата црвена зона, Северна Македонија од 8 јули ќе биде преместена во втората категорија, односно на портокаловата листа на земји за патување во Кипар, а за влез е неопходен и негативен ПЦР тест, 72 часа пред заминувањето, јави МИА од Атина.
Согласно одлуките на кипарската Влада, земјите се поделени во три зони во зависност од епидемиолошката слика: зелена, портокалова, црвена и за секоја од нив важат посебни правила, а државите кои не се во некоја од овие листи се во и сивата зона.
Во првата (зелена) категорија „земји со ниска опасност“ е 31 држава и за нив не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација.
За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен тест направен 72 часа пред патувањето. Во оваа група, заедно со Северна Македонија, се и Португалија, Ирска, Летонија, Шведска, Холандија, Андора, Кина, САД, Јапонија, Србија, Канада, Саудиска Арабија, Либан, Јужна Кореа, Катар, Косово и Азербејџан.
Во третата (црвена) категорија на земји со „зголемена опасност во споредба со другите две категории“, вклучени се 19 држави, задолжителен е негативен ПЦР тест 72 часа пред поаѓањето и уште еден при пристигнувањето на Кипар, а во оваа листа до четврток е и Северна Македонија.
Во однос на вакцинираните посетители, како што пренесува МИА, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада и Кувајт.