Двајца дипломати на Унијата ја потврдиле најавата за агенцијата Ројтерс, а освен нашата земја, меѓу државите за кои ќе се вратат ограничувањата, поради ситуацијата со ковид-19, се Косово, Израел, Црна Гора и Либан
Растот на бројот на новозаразени со коронавирус последниве недели ја враќа С Македонија на „црната листа“ за патување во ЕУ. Како што пренесе „Дојче веле“, веста за агенцијата Ројтерс ја потврдиле двајца дипломати на Унијата.
Меѓу земјите за кои ќе се вратат ограничувањата се и САД, Косово, Израел, Црна Гора и Либан.
Процедурата за одлуката започнала денеска, а се очекува да биде потврдена во понеделник доколку ниту една земја-членка на ЕУ не ја блокира.
Таканаречената листа на безбедни земји на која се најде и С Македонија беше усвоена од ЕУ на 15 јули годинава и на неа се најдоа 23 држави.
Критериумите според кои се одредува дали граѓаните на некоја земја ќе можат туристички да патуваат во ЕУ ја опфаќаат актуелната епидемиолошка состојба и генералното справување со ковид-19, како и квалитетот на информациите и изворите на податоци. Дополнително, како во случајот на САД, фактор е и реципроцитетот, имајќи предвид дека жителите на ЕУ се уште не можат да патуваат на другата страна на Атлантикот, пренесува ДВ.