За време на самото претседавање, обврска на земјава ќе биде да организира најмалку еден формален министерски состанок со присуство на министрите за надворешни работи на 57-те земји членки и придружните делегации
Северна Македонија во 2023 година ќе претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Кандидатурата на нашата земја е прифатена со консензус од 56 земји учеснички на министерскиот состанок на ОБСЕ во Тирана, со што и официјално на државава ѝ е доделено претседавањето со организацијата во 2023 година, информира денеска, на прес-конференција, шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Шанса за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за пристапувањето на С Македонија
Тој истакна дека претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново подобро меѓународно позиционирање на Северна Македонија како конструктивен актер и придонесувач во промоција на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционалниот капацитет кој се очекува како земја членка на НАТО и идна земја членка на ЕУ.
„Како земја претседавач, Северна Македонија би придонела за натамошно промовирање и унапредување на принципите и вредностите на Организацијата, креирајќи притоа простор за реализација на сопствените меѓународни политички приоритети и можност за етаблирање како активен чинител во сферата на регионалната безбедност и соработка“,
рече Османи.
Според него, тоа пред се значи можност за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Формирање национален координативен тим од кој дел ќе биде деташиран во Виена
Информира дека во наредниот период ќе следи дефинирање на предлог-програмата и на нашите приоритети, детализирање на финансиската конструкција и формирање поширок тим што ќе биде одговорен за реализација на активностите до, но и за време на нашето претседавање.
Ќе треба да се формира национален координативен тим од кој дел ќе биде деташиран во Виена, а дел ќе работи во самото МНР. Досегашните искуства покажуваат дека само во Постојаната мисија во Виена тимот треба да го сочинуваат приближно 30 лица од дипломатски специјалистички и административно-технички профил, а ќе треба да се формира и посебен тим во рамките на МНР“,
рече Османи.
За време на самото претседавање, додаде, обврска на земјава ќе биде да организира најмалку еден формален министерски состанок со присуство на министрите за надворешни работи на 57-те земји членки на ОБСЕ и придружните делегации, потоа делегациите на раководството, претставници на самите институции на ОБСЕ и делегации на Парламентарното собрание и партнерските земји.
„Согласно со досегашната пракса и амбициите на земјата, за очекување е да се организира и дополнителен неформален министерски совет како што го направија тоа претходните претседавачи. Тоа се огромни министерски состаноци коибараат огромна логистичка, техничка и административна поддршка, затоа што во наредниот период земјата ќе треба сериозно да се подготви за да се покаже во вистинско светло“,
истакна министерот.
Признание за реформската агенда
Најави дека во 2022 година, пред почнувањето на претседавањето, ќе почнеме претседавање со Советодавниот комитет за менаџмент и финансии на ОБСЕ, како што рече, еден од најтешките комитети и се однесува на усвојување на буџетот на организацијата, а го преземаме и претседавањето со Групата за соработка со медитеранските партнери. Информира дека по завршување на претседавањето, ќе го преземаме претседавањето со Групата за соработка со азиските партнери, каде што ќе одржиме најмалку три до четири состаноци, една т.н. Азиска конференција во некоја од државите членки на групата.
„Претседавањето подразбира и сериозни организациски и финансиски импликации. Сакам уште веднаш да истакнам дека во моите контакти добив директни пораки и впечаток за евидентно расположение на дел од земјите учеснички за поддршка и тоа и во рамките на организацискиот предизвик, но и во рамки на техничкиот предизвик, а можеби и во финансискиот предизвик околу нашето претседавање“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата додаде дека ова е вистинско признание и за покажаниот напредок што како земја го демонстрираме во изминатите години, како во поглед на домашната реформска агенда, внатрешната кохезија особено преку автентичниот модел на мултиетнички односи, така и на меѓународно ниво во регионални европски, па и светски рамки.