Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека „Брз одговор 2025“ е доказ за блиското и растечко партнерство меѓу С Македонија и САД и пример за обезбедување мир преку зајакнување на подготвеноста на НАТО и колективната одбрана
Од 26 мај до 9 јуни годинава Северна Македонија ќе биде домаќин на воената вежба „Брз одговор 2025“ која има за цел да ја тестира способноста на НАТО-Алијансата да одговори на развојните безбедносните закани, вклучувајќи и кибернапади. На вежбата учество ќе земат над 2 000 војници од земјава, САД, Црна Гора, Косово, Австрија, Грција, Албанија, Италија и Обединетото Кралство.

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, порача дека „Брз одговор 2025“ е доказ за блиското и растечко партнерство меѓу С Македонија и САД и пример за обезбедување мир преку зајакнување на подготвеноста на НАТО и колективната одбрана.
„Преку заеднички обуки, ангажирање во заедницата и соработка со нашите сојузници, ја зајакнуваме нашата колективна посветеност на мирот и безбедноста. Овие вежби ја подобруваат воената подготвеност и ги зближуваат нашите заедници. САД и С Македонија продолжуваат да го зајакнуваат своето партнерство во одбраната, образованието, претприемништвото и граѓанското општество, поддржувајќи го институционалниот развој и безбедносните способности на С Македонија. Земјите остануваат насочени кон проширување на соработката во енергетиката, одбраната, трговијата и културната размена, обезбедувајќи долгорочен просперитет и безбедност“,
се наведува во соопштението на Амбасадата на САД.
„Брз одговор 2025“ коинцидира со 32-годишнината од Програмата на партнерски сојузни држави помеѓу Националната гарда на Вермонт и С Македонија, под покровителство на Бирото на Националната Гарда на САД.
Во рамки на настаните, армискиот оркестар на Националната гарда на Вермонт ќе се придружи на воениот оркестар од Северна Македонија на 23 мај од 11 до 12 часот кон активност со ученици од средното музичко училиште во касарната „Гоце Делчев“ Скопје, на 24 мај од 13 до 14 часот на концерт во Битола на градскиот плоштад „Магнолија, на 25 мај од 12 до 13 часот на концерт во Паркот на Франкофонијата во Скопје, на 26 мај од 11 до 12 часот на концерт на свеченото отворање на „Брз одговор 2025“ во кампот „Стрела“ на Криволак.
На 1 јуни на градскиот плоштад во Кавадарци од 10 до 12 часот ќе има изложување со оружје, возила, опрема за качување, роботи за откривање мини, тактичка опрема, дронови и игри на отворено со учество од Албанија, Австрија, Италија, Северна Македонија и САД, а на 2 јуни ќе се одржи мултинационален настан во живо, ден на медиуми и високи гости на Криволак, кога ќе се реализира вежбата „Засилен пешадиски баталјон во напад“.