„Западен Балкан е регион чиј европски сон и понатаму е длабоко врежан во срцето. За нас, интеграцијата не е само поглавје на надворешна политика, туку приказна на една генерација. Стратегиите како ЕУСАИР не се само споредни рамки, туку клучни мостови што водат кон постигнување на таа цел“, рече министерот за европски прашања за време на церемонијата на примопредавање
Земјава денеска го презеде претседавањето од домаќинот Грција со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот Регион (ЕУСАИР).
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на церемонијата за примопредавање на Крит рече дека улогата на С Македонија во ЕУСАИР не е симболична, туку суштинска.
„За нашата земја, ова е историски момент. Првпат, од приклучувањето и кон Стратегијата и кон Иницијативата, ги преземаме претседателската улога и претседавањето. Оваа транзиција следува пет години по приклучувањето кон Стратегијата и седум години по вклучувањето во Иницијативата, претставува природен и заслужен чекор напред на патувањето обликувано од партнерство и истрајна посветеност“,
рече тој.

Во обраќањето пред регионалните партнери и претставници на Европската комисија, Муртезани рече дека во оваа улога влегуваме со целосна посветеност за одговорноста што ја преземаме и со јасна посветеност да водиме на начин што ги вклучува сите.
Најави дека новото претседателство ќе се фокусира на поврзаноста како двигател на развојот.
„Во нашата координација на Столб 2, Поврзување на регионот, ќе се фокусираме не само кон градење инфраструктура, туку и кон градење доверба. За нас, поврзаноста не се ограничува само на транспорт или на технологија, туку претставува начин за приближување на амбицијата и можностите“,
рече тој.
Во обраќањето се осврна и на Грција, посочувајќи дека таа е широко препознаена не само како лулка на демократијата, туку и како држава што доследно ја поддржува европската траекторија на регионот.
Ја посочи и Солунската агенда од 20023 година за ЕУ-перспективата на Западен Балкан, за што додаде дека оттогаш патот не беше без предизвици, но визијата поставена тогаш сè уште продолжува да нè води.
„Западен Балкан е регион чиј европски сон и понатаму е длабоко врежан во срцето. За нас, интеграцијата не е само поглавје на надворешна политика, туку приказна на една генерација. Стратегиите како ЕУСАИР не се само споредни рамки, туку клучни мостови што водат кон постигнување на таа цел“,
вели Муртезани.
Според него, ова примопредавање не е само церемонија, туку продолжување на заедничките напори, заедничките вредности и заедничката иднина.
„Им благодариме на нашите грчки пријатели за нивната улога во оформувањето на правецот што го следиме и ве покануваме сите вас да чекориме заедно во годината што претстои: со доверба, со амбиција и со единство“,
посочи министерот за европски прашања за време на церемонијата.
Додаде дека лидерството на Грција уште еднаш ја потврди вредноста на макрорегионалната соработка како платформа за усогласување не само на политики, туку и на заеднички приоритети.
Претседателството на С Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива започнува на 1 јуни 2025 година и ќе трае еден година.