Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, каде свое обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски
Северна Македонија денеска го слави Денот на независноста – 8 Септември, кој годинава под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“ ќе биде одбележан со повеќе активности во организација на Владата.
Пред 34 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на Референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, каде свое обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски.
Собраниска делегација, предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, заедно со пратениците Сергеј Попов и Славјанка Петровска ќе положат свежо цвеќе на вечните почивалишта на првиот претседател на државата, Киро Глигоров, на поранешниот претседател Борис Трајковски и на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев.
Активностите по повод празнувањето почнаа вчеравечер со артилериска стрелба со истрелување на 10 плутони од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје.
На приемот што го организира претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати порака за единство, сплотеност и визија за иднината на државата.
„Главната порака што сакам да ја упатам на оваа годишнина од независноста е сплотеноста. Како млада држава имаме потреба од многу нешта, но мислам дека најмногу ни е потребна сплотеноста. Не униформна и погодна, туку суштинска сплотеност. Таа што ги почитува разликите и истите ги претвара во богатство, а не во поделба. Секој од нас треба да почувствува одговорност да не потткнува поделби, туку да гради мостови. Разликите да не ги користи како ѕид, туку како прозорец, преку кој се гледаме поблиску еден со друг“,
рече тој.
Според него, по 34 години државност, време е С Македонија да се издигне на нивото што го заслужува.
На Рефендумот во 1991 година, на кој 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна и независна држава, му претходеа низа историски одлуки.
На 25 јануари истата година беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992 година, формирањето сопствени вооружени сили.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, земјата беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација.
Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца – Поранешна Југословенска Република Македонија.
Низ 34-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии.
Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со потпишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава за членство во НАТО и во Европската Унија.
На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30. членка на НАТО. Земјата е кандидат за членство во Европската Унија веќе 18 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година.
