Македонскиот претседател разговарал со еврокомесарот за проширување и за билатералните прашања и добрососедските односи, така што биле разменети мислења и за надминување на проблемите со Бугарија
Покрај денешните средби со челниците на ЕУ, Пендаровски утре се среќава со генералниот секретар на НАТО
Северна Македонија е подготвена за формален почеток на преговорите со ЕУ, истакнал претседателот Стево Пендаровски на денешните средби во Брисел со комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Унијата, Оливер Вархеји и со специјалниот претставник за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Со средбата со Вархеји, Пендаровски ја почна посетата на Брисел, изразувајќи му благодарност за неговиот ангажман и поддршка за реализација на договорот за распределба на 650 000 дози од вакцината „Фајзер“ за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини. Пендаровски, како што пренесуваат од неговиот кабинет, порачал дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи ѝ се на ЕУ за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, како и за демонстрираната солидарност.

Пендаровски ја поздравил и улогата на комесарот Вархеји во подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан и ги нагласил очекувањата дека неговата имплементација ќе има многу важно позитивно влијание врз социо-економскиот развој на земјите и ќе ја зајакне регионалната соработка.
„Двајцата соговорници разговараа за можностите за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија, што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи. На средбата се разменија мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија. Претседателот Пендаровски и комесарот Вархеји ја посочија важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија“,
соопштуваат од кабинетот на македонскиот претседател.
На средбата со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина се разговарало за најновиот развој на настаните во регионот, како и за предизвиците со кои се соочува во поглед на регионалната стабилност.

Соговорниците ја истакнале важноста на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски порачал дека Северна Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски денеска ќе оствари средби и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, како и со европратеникот и известител за Северна Македонија, Илхан Ќучук.
Пендаровски утре ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.