Во земјава има повеќе од 60 компании со лиценци за одгледување на канабис за медицински цели. Речиси никој не произведуваше и масло од канабис, што оставаше отворена дилема – која е економската оправданост на бизнисот ако се одгледува производ кој нема каде легално да се пласира?
Владата, на денешната 88. седница, го утврдила текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Главната новина, во споредба со актуелното решение, е што им е дозволува на компаниите кои одгледуваа канабис за медицински потреби да го извезуваат и сувиот цвет, наместо само маслото добиено со екстракција.
„Со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, притоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата“,
соопштија од Владата.
Лиценци за одгледување на канабис за медицински цели имаат повеќе од 60 правни лица од земјава. Но, речиси ниту една од фирмите од добиениот сув цвет не правеа и масло од канабис, кое е крајниот производ кој се користи за медицински потреби. Затоа, фармите за канабис само складираа сув цвет кој немаа каде да го продадат. Во неколку наврати се случија грабежи, а имаше и случај кога со помош на американската ДЕА беше откриено дека фарми за канабис продаале сув цвет на црниот пазар.
Каква беше економската оправданост да се почне со одгледување марихуана со актуелното законско решение, ако притоа нема план да се прави масло од канабис, засега е нејасно. Но, ако се усвои Предлог-законот на Владата, бизнисот секако има поголеми шанси да биде успешен. За својата одлука, од Владата велат дека е во согласност со сите меѓународни регулативи.
„Во (Предлог-законот н.з.) се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година“,
соопштија од Владата.
„360 степени“ во неколку наврати ги истражуваше компаниите кои добиле лиценци за одгледување на канабис. Откривме дека иако станува збор за чувствителен сектор, државата практично не ја прави ниту минимално пропишаната контрола. Имено, законот вели дека секоја компанија мора да биде предмет на контрола најмалку два пати годишно, но откривме дека голем дел од фирмите се контролираат само еднаш во годината. Компаниите во кои имаше грабежи биле контролирани помалку од законски предвиденото.
Од Владата, велат, тоа ќе се реши со формирање на ново тело – Агенција за контрола.
„Една од новините во предложените законски решенија, која произлегува од овие усогласувања, е формирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност“,
соопштуваат од Владата.
Уште една значајна новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Северна Македонија.
Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.