Во извештајот се наведува и дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради стравувања од нови билатерални блокади или дополнителни барања од Бугарија. Поради тоа, Вајц вели дека е потребно и итно зголемување на политичка волја од двете страни за надминување на овој ќор-сокак
Од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните реформски области. Истовремено, Европската Унија и државите членки мора да ги исполнат своите обврски и преку активен дипломатски ангажман, целосно да ја поддржат земјата во исполнувањето на реформските приоритети.
Ова го истакнува известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годинешниот нацрт-извештај за напредокот на државата, кој на 26 февруари ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).

Ова е негов втор извештај за земјава од 2022 година, по тој минатата година, кој беше усвоен од Европскиот парламент.
Во појаснувачка изјава во нацрт-извештајот, Вајц вели дека оваа година има чест да го презентира својот втор извештај за Северна Македонија, додавајќи дека документот обезбедува балансирана и објективна оценка на напредокот на земјата во процесот на пристапување и во согласност со воспоставената пракса се подготвува како одговорот на пакетот за проширување на Европската комисија за 2025 година.
Сопрен е процесот на пристапување
Според Вајц, Северна Македонија во моментот се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен.
„И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ е недоволен, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата. Причини за тоа се изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност“,
вели тој.
Во извештајот се наведува и дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради стравувања од нови билатерални блокади или дополнителни барања од Бугарија.
Вајц вели дека е потребно и итно зголемување на политичка волја од двете страни за надминување на овој ќор-сокак.
Според него, во услови на големи промени во меѓународниот поредок, како војната во Украина, неизвесноста околу иднината на трансатлантската алијанса и растечките глобални предизвици, од суштинско значење е Европа да остане обединета.
Ова, како што вели, создава можност за оживување и забрзување на процесот на проширување.
„Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа, од суштинско значење е сите политички актери од Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области, без понатамошно одлагање“,
вели Вајц.
Реформите во областа на владеењето на правото, како што додава, не се важни само за приближување кон членството во ЕУ, туку и за создавање просперитетна и отпорна држава со доверлива инвестициска клима.
Поддршката од ЕУ е обврска
Истовремено, ЕУ и нејзините држави членки, според Вајц, мораат да ги исполнат своите обврски, односно да ја поддржуваат земјата, вклучително и со дипломатски ангажман, со цел надминување на постојните пречки.
„Како и во претходниот извештаен период, останувам посветен на поттикнување постабилно, поконструктивно и поевропско, подемократско и попроширувачко мнозинство во поддршка на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Очекувам да ја обезбедам поддршката на сите пратеници што ја споделуваат оваа стратешка цел“,
додава Вајц.
Во нацрт-извештајот се нотира потребата од поголема медиумска слобода и независност на медиумите, борба против дезинформациите и вклучување на граѓанското општество во реформите. Во делот за социјално-економски реформи се поздравуваат првите чекори во спроведувањето на реформската агенда, но се наведува дека се потребни дополнителни напори, на пример, за активирање на пазарот на труд.
Се поздравува напредокот поврзан со Законот за енергетиката и коридорите 8 и 10, а се посочува дека се потребни повеќе инвестиции во транспортот, енергетската инфраструктура и во законодавство за животната средина.
Исто така, се поздравува усогласеноста на земјата со надворешната политика на ЕУ и конструктивната улога во регионот.
Вајц изрази надеж дека по локалните избори, земјава ќе ги спроведе уставните измени
Пред да дојде на пленарна седница, нацрт-извештајот ќе ги помине сите филтри во Европскиот парламент (ЕП). Во тој процес може да претрпи амандмански измени, поради што неговата конечна верзија ќе биде позната по минувањето на сите фази во ЕП.
Откако на 26 февруари нацрт-извештајот ќе биде презентиран, истиот ќе биде разгледан од сите политички групи во периодот од март до април, по што следува гласање за него во Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), како и гласање на пленарна седница на ЕП.
Инаку, Европскиот парламент на 9 јули минатата година, со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“, го усвои извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за напредокот на С Македонија за 2023 и 2024 година.
Сепак, во изгласаната конечна верзија на текстот беа отстранети референциите за македонскиот јазик и идентитет, што претходно претходно беа вклучени во нацрт-извештајот на Вајц и беа усвоени од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 24 јуни.
По усвојувањето, Вајц потсети дека ова е прв усвоен Извештај на ЕП за земјава од 2022 година и неговото одобрување со значајно двотретинско мнозинство претставува поттик за државата да продолжи напред кон ефективен почеток на пристапните преговори.
„Северна Македонија е земја каде што граѓанското општество има простор за дејствување, има простор да ги изрази своите мислења и да работи, што не е случај на целиот Западен Балкан. Зборувавме за земја која се обидува да ги преземе потребните чекори кон започнување на пристапните преговори. Важно е што сега го имаме овој Извештај и мислам дека ова е добар чекор напред и со овој оптимизам што го внесувам во овој процес, уверен сум дека ќе бидеме од корист да ја водиме земјата кон потребните реформи, да го поздравиме напредокот што веќе е постигнат и да ја охрабриме Владата да ги преземе неопходните чекори за конечно да почнат пристапните преговори“,
рече тогаш Вајц.
