СЗО се надева дека ќе може да дистрибуира околу две милијарди вакцини против коронавирусот до сите земји во светот до крајот на 2021 година
Министерот Филипче вели дека очекува вакцината да биде достапна на почетокот на следната година. Здравствените власти во земјава аплицирале за 800 илјади дози од вакцините, со што ќе може да се имунизираат 400 илјади граѓани
Преку Ковакс-механизмот, здравствените власти во земјава аплицирале за вакцини за 20 проценти од населението. Тоа се 800 илјади дози, затоа што, како што вели министерот за здравство Венко Филипче, потребни се по две дози, една и после неколку недели уште една, согласно сегашните сознанија за развој на антителата.
„Како што сега стојат сознанија во однос на напредокот, очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Вакцината нема да биде задолжителна, бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака“,
истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација, кој овозможува, како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители, еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји што аплицирале на тој механизам.
„Последните информации се дека во крајни фази од истражување е т.н оксфордска вакцина на компанијата ‘Астра Зеника’. Имаме понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата, само земји – членки на ЕУ. Полска ни пристапи и ни понуди да ни препродадаѕ одредена количина. И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на премиерот Зоран Заев, исто така, му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција“,
рече Филипче, во гостување на Канал 5.
До денеска, 184 држави се приклучија на Ковакс – меѓународен механизам инициран од СЗО, со помош на уште некои светски агенции за вакцини и имунизација, а целта е да се добие вакцината за ковид-19 што е можно полесно и побрзо.
Светската здравствена организација се надева дека ќе може да дистрибуира околу две милијарди вакцини против коронавирусот до сите земји во светот до крајот на 2021 година, изјави претставникот на СЗО во Русија, Мелита Вујновиќ.
„СЗО покажува умерен оптимизам кога станува збор за вакцините. Веруваме дека наскоро ќе можат да се даваат безбедни и ефикасни вакцини и оти фармацевтските компании ќе ни помогнат во борбата против пандемијата. На пример, со помош на механизмот Ковакс, СЗО верува дека може да дистрибуира до две милијарди дози од еден или повеќе видови на вакцини против коронавирусот“,
рече Вујновиќ.
Таа додаде дека е рано да се предвиди кога светот ќе се врати во нормален живот.
„Првиот контингент на вакцини ќе им биде понуден на луѓето на кои им е најпотребна, а тоа се здравствените и социјалните работници, како и најзагрозените групи“,
рече Вујновиќ.