„Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка. Постои општа презумција на невиност“, вели министерот без ресор, опфатен во обвинението за случајот со пожарот во кочанската дискотека
Тој не одговори на прашањето дали размислува да поднесе оставка од морални причини
Сѐ додека не бидам осуден, не сум виновен. Да оставиме судовите да ја водат постапката и да донесат одлука. Ова денеска го изјави министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, одговарајќи на новинарско прашање дали од морални причини ќе поднесе оставка и дали чувствува вина за случајот со пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, а во кој тој е опфатен во обвинението.

„Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка. Постои општа презумција на невиност. Сѐ додека не бидам осуден, не сум виновен. Да оставиме судовите да ја водат постапката“,
им рече Салиу на новинарите пред почетокот на настанот по повод одбележувањето на Меморијалниот ден на Ромскиот холокауст – 2 август.
Салиу не одговори на прашањето дали размислува да поднесе оставка од морални причини.
Според него, некоректно е новинари да сликаат таблички на неговото службено возило додека одел да се пријави во Основниот кривичен суд.
„Не бев на одмор, не бев никаде, напротив, во рамките на моите должности го извршив и тоа, се пријавив“,
кажа тој.
На дополнително прашање зошто отишол во судот со службено возило, рече дека од 8 до 17 часот е на работа, не бил никаде надвор од државата, туку бил во судот.
Во јуни, Салиу рече дека не чувствува вина за случајот во кочанската дискотека.
Салиу беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2008 до 2017 година, а заедно со уште неколку лица кои изминатите нешто повеќе од десет години ја вршеа функцијата директор на ДЗС се најдоа осомничени во истрагата, бидејќи Обвинителството се обидува да докаже причинско-последична врска во непостапувањето на оваа институција, што придонело да се создадат услови кои довеле до трагедијата.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.
Салиу беше уапсен кон средината на април, заедно со уште 22 лица во рамките на проширувањето на истрагата за катастрофалниот пожар. Меѓу уапсените тогаш беше и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Премиерот Христијан Мицкоски, пред два дена, одговарајќи на новинарско прашање дали се размислува за евентуално разрешување на Салиу од функцијата, рече дека ќе раговара со него на таа тема и ќе ја информираат јавноста за идните чекори.