Американскиот претседател во текот на вчерашниот ден направи пресврт во однос на прашањето за Гренланд, соопштувајќи дека САД нема да воведат царини за европските држави што ја поддржуваат Данска во нејзините напори да се одбрани од аспирациите на американскиот претседател и ја отфрли можноста од употреба на сила за преземање на Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, доцна синоќа изјави дека на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос воопшто не станало збор за прашањето дали Гренланд ќе остане под Данска.

Коментарите на Руте, дадени во интервју за Фокс њуз, уследија по одлуката на американскиот претседател да ги повлече заканите за воведување царини врз неколку европски земји, како и оние дека САД би можеле да употребат воена сила за преземање на автономниот остров од Данска.
Трамп и генералниот секретар имаа средба на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, која американскиот претседател ја оцени како многу продуктивна.
Американскиот претседател во текот на вчерашниот ден направи пресврт во однос на прашањето за Гренланд, соопштувајќи дека САД нема да воведат царини за европските држави што ја поддржуваат Данска во нејзините напори да се одбрани од аспирациите на американскиот претседател и ја отфрли можноста од употреба на сила за преземање на Гренланд.
По средбата со Руте, американскиот претседател изјави дека западните сојузници би можеле да постигнат нов договор за стратешки важната островска територија на Арктикот, на која живеат околу 57 000 жители. Со договорот, како што наведе, САД би можеле да го реализираат својот план за изградба на т.н. „Златна купола“, одбранбен ракетен систем и би добиле пристап до ретките минерали со кои е богат островот. Воедно, договорот би ги блокирал амбициите на Москва и Кина поврзани со регионот на Арктикот.
Изминатиот период американскиот претседател постојано нагласуваше дека Вашингтон мора да го поседува Гренланд, автономен дел од Кралството Данска, каде што САД веќе имаат своја воздухопловна база, со цел да ги спречи Русија или Кина да ја окупираат стратешки лоцираната територија богата со минерали.
Во интервјуто за Фокс њуз, американската телевизија која важи за блиска до републиканците на Трамп, генералниот секретар на НАТО, Руте, беше прашан дали Гренланд ќе продолжи да биде под Кралството Данска, според рамковниот договор што го навести Трамп.
„Тоа прашање не беше повторно покренато во моите разговори со претседателот вечерва…Тој (Трамп) е многу фокусиран на тоа што треба да направиме за да се осигуриме дека овој огромен арктички регион, каде што моментално се случуваат промени, каде што Кинезите и Русите се сè поактивни, може да биде заштитен“,
одговори Руте.
Во изјава за новинската АФП, Руте по состанокот со Трамп изјави дека има уште многу работа што треба да се направи за да се постигне договор за Гренланд.
„Средбата беше многу добра. Но, сè уште има многу работа што треба да се направи“,
рече генералниот секретар на НАТО.
Претходно во текот на вчерашниот ден, Доналд Трамп соопшти дека двајцата лидери развиле „рамка за иден договор за Гренланд“.
Трамп додаде дека државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе „известуваат директно“ додека продолжуваат преговорите.

Дека крајот донел подобри ноти во однос на прашањето за Гренланд оцени и шефот на данската дипломатија Ларс Леке Расмусен.
„Ајде сега да седнеме и да видиме како можеме да се справиме со безбедносните загрижености на САД на Арктикот, почитувајќи ги црвените линии на Кралството Данска“,
изјави тој.
Во часовите што следеа почнаа да се појавуваат детали од потенцијалниот договор.
