На прашањето од Скај њуз дали неизвесноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала одвлекување на вниманието за сојузниците на НАТО, Руте не се согласи, дури му припиша на Трамп заслуга за „спасувањето на НАТО“

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вели дека прашањето за сопственост на САД врз Гренланд „не се споменало“ за време на неговиот состанок со Доналд Трамп во Давос. Тој вели дека не го гледа новиот став на американскиот претседател како „пресврт“.
„Не разговаравме за тоа. Не се спомена синоќа“,
рече Руте во изјава за Скај њуз.
Руте вели дека со американскиот претседател разговарале за тоа што е неговата идеја и визија, тврдејќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По вчерашниот состанок со Руте, Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушал напиша оти ќе се воздржи од претходната закана за воведување царини врз европските земји што стојат на патот на преземањето на Гренланд од страна на САД.
Шефот на НАТО, исто така, изјави за Скај њуз дека не го гледа новиот став на претседателот како „пресврт“.
„Не мислам дека има пресврт“,
рече Руте.
Тој објасни дека Трамп „почнал да ги насочува европските и канадските сојузници кон Арктикот, Гренланд, но и поширокиот Арктик“ уште за време на неговиот прв мандат.
„А потоа, кога се врати на функцијата, повторно рече: Еј, сè уште не е решено на доволно ниво. И тој е во право“,
додава Руте.
На прашањето од Скај њуз дали неизвесноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала одвлекување на вниманието за сојузниците на НАТО, Руте не се согласи, дури му припиша на Трамп заслуга за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека беше во право што ја започна таа дебата. Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да се осигураме дека Арктикот е безбеден? И би рекол дека откако го спаси НАТО, тој сега е оној што го предводеше нападот за да се осигура дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион“,
рече Руте.
Трамп и генералниот секретар имаа средба на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, која американскиот претседател ја оцени како многу продуктивна.
Изминатиот период американскиот претседател постојано нагласуваше дека Вашингтон мора да го поседува Гренланд, автономен дел од Кралството Данска, каде што САД веќе имаат своја воздухопловна база, со цел да ги спречи Русија или Кина да ја окупираат стратешки лоцираната територија богата со минерали.
Во изјава за новинската АФП, Руте по состанокот со Трамп изјави дека има уште многу работа што треба да се направи за да се постигне договор за Гренланд.
Претходно во текот на вчерашниот ден, Доналд Трамп соопшти дека двајцата лидери развиле „рамка за иден договор за Гренланд“.
