Крајната цел на разговорите, како што нагласи генсекот на НАТО, е да се постигне договор за суверена и силна Украина и Русија што никогаш повеќе нема да се обиде да ја нападне
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги оцени за многу успешни разговорите помеѓу американската и украинската делегација во Женева во врска со предлог-мировниот план на САД за ставање крај на војната во Украина. Вели дека средбата е добра основа за приближување на ставовите на САД и Украина.

Сепак, како што вели, некои елементи од планот треба внимателно да се разгледаат и промислат.
„Очигледно е дека некои од елементите треба навистина да бидат размислени. Но, она што го видовме вчера на состанокот во Женева е дека како основа помогна Украина и САД да се приближат многу поблиску на патот напред. Средбата послужи како основа да ги натера двете страни навистина да започнат дијалог“,
изјави Руте во интервју за Радио Слободна Европа.
Крајната цел на разговорите, како што нагласи генсекот на НАТО, е да се постигне договор за суверена и силна Украина и Русија што никогаш повеќе нема да се обиде да ја нападне.
„За Русите воопшто, а особено за Путин знам дека секогаш кога ќе постигнете договор, мора да се осигурате дека е во негов интерес да се држи до него. Затоа е толку важно кога ќе се постигне мировен договор за Украина, да знае дека последиците по него ќе бидат катастрофални ако се обиде повторно да ја нападне Украина“,
додаде Руте.
Генсекот на Алијансата вели дека не го исклучува целосно идното членство на Украина во НАТО, иако во првичниот предлог на САД е наведено дека воениот сојуз не треба дополнително да се шири. Сепак, додаде дека членството на Украина во НАТО во моментов не е можно.
„Секоја земја во рамките на евроатлантската област што сака да стане членка на НАТО, може да аплицира за членство. Но, за да станете членка, потребна ви е едногласност. А во моментов, таа едногласност е далеку. Имаме неколку сојузници кои експлицитно изјавуваат дека се против членство на Украина во НАТО“,
посочи генералниот секретар на НАТО.
