Генсекот на НАТО предупреди дека Алијансата е подготвена да ја брани секоја педа од својата територија како што тоа го сторила во случајот со Полска
Запрете ја војната во Украина и престанете да го нарушувате воздушниот простор на сојузниците – му порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на рускиот претседател Владимир Путин откако Полска собори неколку руски дронови кои влегоа во нејзиниот воздушен простор.

Руте предупреди дека НАТО е подготвена да ја брани секоја педа од својата територија како што тоа го сторила во случајот со Полска и одбраната на нејзиниот воздушен простор.
„Мислам дека она што го видовме синоќа беше многу успешна реакција од НАТО и сојузниците, вклучувајќи ја, секако, самата Полска, но и Холанѓаните и Италијанците и Германците. Мислам дека синоќа покажавме дека сме способни да ја браниме секоја педа од територијата на НАТО, вклучувајќи го и нејзиниот воздушен простор“,
изјави Марк Руте.
Посочи дека синоќа бројни беспилотни летала од Русија го нарушиле полскиот воздушен простор, но по активирање на воздушната одбрана на НАТО успешно била обезбедена нејзината територија.
„Северноатлантскиот совет утрово се состана и ја разгледа ситуацијата по барањето на Полска за консултации според членот 4 од Вашингтонскиот договор. Сојузниците изразија солидарност со Полска и го осудија неодговорното однесување на Русија. Целосна проценка на инцидентот е во тек. Она што е јасно е дека прекршувањето од синоќа не е изолиран инцидент. Внимателно ја следиме ситуацијата вдолж источното крило на НАТО, а нашата воздушна одбрана е во постојана готовност“,
додаде Руте.
Повторно критикувајќи ја Русија, генералниот секретар на НАТО рече дека земјата води опасна агресивна војна против Украина, додавајќи дека сојузниците се решени да ја засилат својата поддршка за Украина.
Прес-конференцијата на Руте уследи откако Полска собори неколку беспилотни летала над својата територија, нарушувајќи го нејзиниот воздушен простор за време на еден од руските воздушни напади врз Украина.