Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во своето обраќање пред пратениците во Собранието кажа дека секоја генерација мора да испише свое поглавје, не за да го смени мислењето, туку за да го одржи во живот ветувањето дека законот ќе ги заштити слабите, а дека вистината ќе ја надживее пропагандата
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, порача денеска претседателот на ПССЕ, Теодорос Русопулос, кој е во официјална посета земјава по повод 30-годишнината од зачленувањето С Македонија во Советот на Европа.

Русопулос денеска се обрати и пред пратениците во македонското Собранието. Од говорницата рече дека во изминатите 30 години, колку што е членка во Советот на Европа, Северна Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку по капацитетот да се слуша, да се почитува и да се прифаќа.
Претседателот на ПССЕ се наврати и на 1990-тите години, кога како новинар ја посетувал земјава, а потоа и како министер во грчката влада и на средбите со првиот претседател на независна Македонија, покојниот Киро Глигоров, за кого кажа дека е државник, запаметен по својата смиреност, умереност и непоколеблива верба во мирна независност и соживот.
„Тој еднаш кажа: ‘Нашата иднина е во Европа, но нашата одговорност е тука, треба да докажеме дека малите нации можат да живеат во мир и демократија’. И успеавте во тоа. Вашиот напредок е значителен и извонреден. Како претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и како политичар кој доаѓа од соседна држава – Грција, исклучително ми е драго и сум почестен што денес сведочам дека сте жив доказ за неговите зборови“,
рече Русопулос.
Наведе и дека 75 години по потпишувањето на европската конвенција за човекови права и 30 години по приклучувањето на Северна Македонија кон Советот на Европа, приказната за Европа продолжува.
Во таа насока, тој кажа дека секоја генерација мора да испише свое поглавје, не за да го смени мислењето, туку за да го одржи во живот ветувањето.
„Ветување дека законот ќе ги заштити слабите, а дека вистината ќе ја надживее пропагандата, дека ќе остане човечкото достоинство и ќе биде мерка за цивилизација“,
кажа претседателот на ПССЕ.
Осврнувајќи се зборовите што му се препишуваат на поранешниот британски премиер Винстон Черчил дека Балканот создава повеќе историја отколку што може да конsумира, Русопулос рече дека Балканот познава повеќе историја од било кој друг, но и произведува повеќе мудрост.
„Балканот покажа дека сеќавањата на болка можат да бидат дисциплина за мирот и дека соживотот може да се научи, дека европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја“,
рече тој.
Во однос на геополитичките случувања, на кои исто така се осврна, претседателот на ПССЕ рече дека демократијата ја губи својата емоционална гравитација и во тој контекст порача дека демократијата мора да се анимира, а Советот на Европа дека остане местото за дијалог.
Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа беше пречекан од претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши со кого имаше и средба.

На неа Гаши, како што соопштија од неговиот кабинет, изразил благодарност за континуираната поддршка што Советот на Европа ѝ ја дава на Северна Македонија од 1995 г., нагласувајќи притоа дека тридецениското членство претставува потврда за трајната определба на земјава за човекови права, демократија и владеење на правото.
Двајцата претседатели ја истакнале важноста на парламентарната соработка и на заедничките иницијативи што придонесуваат за поголема видливост на Советот на Европа во регионот.
Претседателот на македонското Собранието подвлекол дека искуството стекнато преку Советот на Европа е од особена вредност за процесот на пристапување во Европската Унија и дека Собранието ќе продолжи да биде пример за транспарентност, дијалог и посветеност на европските стандарди.
