Сопственикот на „Беса транс“ бил втор возач во еден од автобусите, а во разговор со Русковска бил дециден дека во автобусот немало резервни канти со гориво како и пиротехнички средства. Врз основа на информациите од бугарските колеги таа како неточни ги опишува и шпекулациите дека во автобусот имало и материјали за изработка на хероин

Пожарот во автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 патници, избувнал во багажниот простор, вели шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „Топ Тема“ на Телма ТВ.
На прашањето како било возможно автобусот да изгори толку бргу, таа вели дека врз основа на информациите од бугарските истражители за некои испитувања е потребно повеќе време.
„Инаку јас тоа точно го видов, баш го имам и сликано, делот фактички од кај што е почнат пожарот а тоа е багажниот простор кој се наоѓа над резервоарот на автобусот. Затоа што на автобусите, резервоарите се напред“,
вели Рускоска за „Топ тема“.
Обвинителката во интервјуто вели и дека сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, бил во еден од четирите автобуси како втор возач и тврдел дека не е пренесувана никаква запалива материја.
„Беше видно вознемирен и потресен. Го прашав дали носеле резервни канти со гориво. Вели дека нема шанси тоа да се случило. Ова беше неформален разговор, на самото место на настанот. Дали случајно можеби некој патник да купил пиротехнички средства, бидејќи се ближи Нова година, исто беше дециден дека одговорот е ’не‘“,
вели Русковска која врз основа на информациите од бугарските колеги како неточни ги опишува и шпекулациите дека во автобусот имало и материјали за изработка на хероин.
Интервјуто со Русковска за „Топ тема“ можете да го погледнете ТУКА.