Штетата на буџетот е околу 57 милиони денари, речиси еден милион евра. Сè е незаконско, секоја набавка над 400 000 евра треба да има и меѓународен тендер, не е побарана ни согласност од Биро за јавни набавки, вели обвинителката
Во случајот со генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири има доволно докази, предметот е чист, порача шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска во гостувањето на ТВ 24.
Од тие причини, според неа, тука не станува збор за политички пресметки.
„Предистрагата траеше повеќе месеци, инспектори работеа заедно со колешката на прибирање докази. Не мислам дека се работи за политички пресметки, има доволно докази за сторено кривично дело. Два дена пред отворање на истрагата еден од осомничените ја напуштил државата. Штетата на буџетот е околу 57 милиони денари, речиси еден милион евра. Сè е незаконско, секоја набавка над 400 000 евра треба да има и меѓународен тендер, не е побарана ни согласност од Биро за јавни набавки. Сега-засега, предметот ни е чист со овие докази кои ни се обезбедени. Не знам како функционира Владата, но генералниот секретар располага со целиот буџет на Владата. Оттаму донеле постапка за консултантска услуга, но ова е направено во четири очи. Кога прочитав дека Зеќири е посочен со име и презиме, не знам како толку брзо се дојде до името, беше соопштено само дека се работи за висок владин функционер. Во Обвинителството не е кртот“,
рече Русковска.
Зеќири во петокот заврши во притвор откако Обвинителството отвори истрага во која е осомничен за злоупотреба на службената положба. Со него како осомничени дека му помогнале се и двајца хрватски државјани, за кои исто така е одреден притвор, но со оглед дека се недостапни на органите на прогонот, мерката за нив ќе почне да важи кога евентуално би биле приведени.
Станува збор за истрага во која Обвинителството осомничен е генералниот секретар оти во периодот од април 2021 до јануари 2022 г., без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма кој бил во вкупна вредност од околу 941 985 евра, што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантски услуги.
