Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска денеска, одговарајќи на новинарски прашања, соопшти дека се води истрага за доскорешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев.
„Да, се води истрага, а дали е во Македонија, стварно не знам“,
изјави Русковска денеска пред Кривичниот суд.
Русковска не кажа детали за каква истрага станува збор, но неделникот „Фокус“ објави дека по барање на Обвинителството за организирал криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати, од компанијата со основна дејност за интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.
Дончев, пак, во изјавата за овој весникот вели дека парите што ги добил од компанијата „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската „Мегантик“ се најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив е платен соодветниот данок, како и дека воопшто нема страв од истрага бидејќи не е првпат во последните 20 години да се води истрага против него во кои секогаш било констатирано оти работел според законот.
Денеска од Антикорупциската комисија, пак, изјавија дека го разгледале предметот по допрен глас и утврдиле дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи. Претседателката Билјана Ивановска информираше дека работат на случајот и ако утврдат неправилности ќе покренат прекршочна постапка за непријавување дополнителни приходи.