За тоа како ќе соработува со Валентина Беслимовска, една од петтемина реизбрани обвинители, со оглед на тоа што првично и даде негативна оценка, Русковска рече: „Ќе соработувам како и досега што сум соработувала. Ние никогаш не сме имале проблем во соработката“
Во суштина, сум задоволна од сработеното на ОЈОГОКК во изминатите три години, но граѓаните може да кажат најдобро за тоа. Се разбира, секогаш може и повеќе и подобро. Инаку, криминал и корупција постојат, вели Русковска во интервју за „360 степени“
Вилма Русковска не ги коментира обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ дека „истите обвинители кои досега не гонеа и штитеа организиран криминал, ќе треба да гонат криминал“ и дека „со истите овие обвинители и оваа власт на СДСМ и ДУИ државава стана најкриминална во Европа според сите мерења“.
Коментарот на ВМРО ДПМНЕ дојде откако Советот на јавни обвинители вчера ги реизбра истите петмина обвинители кои и досега работеа во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) – Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.
„Никогаш не коментирам изјави од други лица“,
одговори шефицата на ОЈОГОКК во интервју за „360 степени“, прашана за коментар на оценките што стигнаа од опозициската партија.
Прашана дали е задоволна со исходот од вчерашното гласање во Советот на јавни обвинители, Русковска одговори потврдно.
За тоа, пак, како ќе соработува со Валентина Беслимовска, една од петтемина реизбрани обвинители, со оглед на тоа што првично и даде негативна оценка, Русковска рече:
„Ќе соработувам како и досега што сум соработувала. Ние никогаш не сме имале проблем во соработката.“
На дополнителното прашање – дали Беслимовска заслужуваше реизбор, шефицата на ОЈОГОКК рече дека не ги коментира одлуките на Советот на јавни обвинители.
Инаку, Русковска смета дека институцијата со која раководи не е соодветно екипирана со обвинители, а вината за тоа ја лоцира во „бавното излегување на кадри од Академијата за судии и јавни обвинители“.
„Во суштина, сум задоволна од сработеното на ОЈОГОКК во изминатите три години, но граѓаните може да кажат најдобро за тоа. Се разбира, секогаш може и повеќе и подобро. Инаку, криминал и корупција постојат“,
вели Русковска.
Таа не мисли дека институцијата би имала подобри перформанси ако обвинителите од некогашното СЈО, кои беа избрани да бидат дел од нејзиниот тим, не ги поставеше да работат на предмети за криумчарење мигранти и за прекршување на полициските овластувања.
„Немаат поминато повеќе обуки од останатите обвинители ниту пак имаат работено на повеќе високопрофилни случаи од другите“,
го образложи својот став Русковска.