Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која е времено суспендирана, во кратка изјава за „360 степени“ смета дека е добро што двата случаи – за Финансиската полиција и за станицата за технички преглед „Виа комерц“, на кои таа работеше, се распределени кај нејзини колеги и дека има доверба во нив дека ќе ги сработат предметите
Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, со одлука на четиричлена комисија формирана од обвинителот Трајче Пеливанов, кој времено раководи со ОЈО ГОКК додека трае суспензијата на Вилма Русковска, предметите се распределени и ќе ги водат обвинителките Лиле Стефанова и нејзината колешка Катерина Коларевиќ.
„Сметам дека е добро што предметите се распределени кај колегите. Имам доверба во своите колешки и се надевам дека ќе ги сработат“,
изјави Русковска за „360 степени“.

Инаку, двата предмети се во предистражна постапка.
Во денешното соопштение од Обвинителството се наведува дека Комисијата формирана од обвинителот Пеливанов извршила увид и ја попишала целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа комерц“ и согласно надлежностите предвидени во Законот за јавното обвинителство, предметот кој е оформен по поднесена анонимна кривична пријава против повеќе лица од Управата за финансиска полиција е презаведен и ѝ е даден на надлежно постапување на јавниот обвинител Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Од ОЈО истакнуваат дека предметот за станицата за технички преглед „Виа комерц“ е распореден во работа кај јавниот обвинител Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Постапувањето по овие предмети ќе продолжи непречено и јавните обвинители на кои сега им се доверени ќе ги преземат сите дејствија во согласност со Законот за кривична постапка за да ги проверат наводите во поднесените кривични пријави“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Шефицата на ОЈО ГОКК Вилма Рускоска која ги водеше двата предмети, кои предизвикуваат голем интерес во јавноста, особено по отворениот судир меѓу обвинителката и сега веќе поранешниот шеф на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, со решение на републичкиот обвинител Љубомир Јовески е „оддалечена“ од функцијата на актуелна шефица додека трае дисциплинската постапка против неа, а која беше отворена токму во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција на 18 јули. Русковска за суспензијата поднесе и жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована односно ја потврди суспензијата.
„360 степени“ за случајот со „Виа комерц“ пишуваше уште лани пред Нова година. Инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го сторил тоа дури во ноември, три дена по трагедијата на автобусот во Бугарија во која загинаа 45 патници.
Истиот ден (26 ноември 2021 г.) кога на прес-конференција информираше дека во „Виа комерц“ бил направен последниот технички преглед на автобусот на „Беса транс“ и дека притоа не биле утврдени пропусти, министерот Спасовски, без да ја информира јавноста, издал решение за привремена забрана за работа на станицата.
На 5 мај 2022 година Русковска отвори предистрага за случајот. Истражители од ОЈО-ГОКК го посетиле Министерството за внатрешни работи и од два сектора ја подигнале документацијата поврзана со случајот.
Во јуни оваа година „360 степени“ провери каква е состојбата на терен. Затекнавме отворени врати, работници и муштерии дојдени да направат технички преглед на возилата. Во истите објекти во кои функционираше „Виа комерц“ сега работи друго правно лице со слично име – „Виа контрол“. Сопственикот на претходната фирма Џемаљ Науиши, во новата компанија се јавува како управител. „Виа контрол“ е основана на 17 јануари годинава, по истекот на рокот во кој претходната фирма „Виа комерц“ требаше да ги отстрани пропустите за да продолжи со работа.