„Прогонот на Милорад Додик е од чисто политичка природа, инспириран од Западот, кој преку рацете на своите марионети во правосудниот систем на Босна и Херцеговина, се надева дека ќе ги отстрани од политичката сцена патриотските сили на Република Српска кои се спротивставуваат на евроатлантскиот неоколонијализам“, се вели во соопштението
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека денешната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“, пренесува Н1.

Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
„Ги предупредуваме странските учесници во постконфликтниот процес во БиХ, земјите од регионот и целата светска заедница дека доколку се донесе пресуда за вина, тогаш неизбежни се катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и на Балканот во целина“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Оттаму додаваат дека „обвинувањата против легитимно избраниот претседател на Република Српска, а всушност и против целиот српски народ, се засноваат на одредбите на псевдозаконот што е произволно наметнат на суверена БиХ од самопрогласениот висок претставник Кристијан Шмит, надвор од законската рамка“.
Руското министерство оценува и дека судскиот процес, кој траеше година и половина, од самиот почеток не е ништо повеќе од „пародија на правдата и бесрамно исмејување на темелите на владеењето на правото“.
„Прогонот на Милорад Додик е од чисто политичка природа, инспириран од Западот, кој преку рацете на своите марионети во правосудниот систем на Босна и Херцеговина, се надева дека ќе ги отстрани од политичката сцена патриотските сили на Република Српска кои се спротивставуваат на евроатлантскиот неоколонијализам“, се вели во истото соопштение.
Според руското МНР, правосудниот систем во БиХ мора да биде независен и да се потпира на Уставот и Дејтонскиот договор, а не на надворешни фактори.
Милорад Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ се обвинети за спроведување на одлуката на Националното собрание на РС во 2023 година да не се објавуваат одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит во Службениот весник на РС, ниту, пак, да се спроведуваат во тој ентитет.
Шмит го поништи законот, Додик го потпиша, а Лукиќ го објави во Службен весник, што меѓународниот висок претставник го окаректизира како кривично дело. Со оглед на тоа што Додик сето ова го игнорираше, Обвинителството поднесе обвинение против него и Лукиќ.
Пресудата е првостепена пресуда која може да се обжали.
Конечната пресуда ќе ја донесе Апелацискиот совет на Судот на БиХ.