Шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, имаше настап во емисијата „Стадион“ на радиото „Канал 77“ каде отворено зборуваше за повеќе аспекти на истрагата „Рекет“. Првенствено, потврди дека првата пријава за случајот дошла од премиерот Зоран Заев, откако претходно лично му се пожалил Јордан Камчев. Бизнисменот го запознал премиерот и со дел од тајните снимки кои го поткрепувале неговото тврдење. На сугестија на обвинителката Рускоска и републичкиот јавен обвинител Јовески, пријавата писмено ја поднел Камчев, заедно со дополнителни аудио и видео снимки.
Рускоска вели дека обвинителството не располага со сопствени материјали обезбедени со посебни истражни мерки, но дека тајните снимки од сведокот ќе ги третираат како докази.
„Имаме снимки, аудио и визуелни, од домот на сведокот. Венецијанската комисија се има изјаснето дека кога е јавниот интерес во прашање, а јас и јавниот обвинител во овој случај сметаме дека е навистина во прашање јавниот интерес и снимки кои се да кажам на нелегален начин прибавени, можат да се користат како доказ во постапката. И ова нема да биде прв пат“,
изјави обвинителката Вилма Рускоска.
Во гостувањето, Рускоска кажа и дека Камчев барал средба со неа пред да го пријави случајот, додека бил во куќен притвор поради истрагата „Империја“ на СЈО. Обвинителката ја одбила таквата можност како несоодветна, особено што против лицето се водело истрага од друго обвинителство, односно СЈО. На новинарските прашања, зошто кога Камчев излегол од домашен притвор отишол прво кај премиерот, таа најде разбирање дека сведокот веројатно немал целосна доверба, бидејќи еден од осомничените во „Рекет“ не ги криел блиските односи со судии, обвинители, политичари и други личности од јавниот живот.
Но, потенцира Рускоска, обвинителството во моментов не располага со докази дека постои и спрега меѓу подземјето, бизнисот и политиката во конкретниот случај.
„Јас како обвинител се уште немам обезбедено докази за спрега меѓу подземјето и бизнис заедницата и политиката. Така што, јас навистина не знам дали има спрега, поточно немам докази се уште за тоа.“
изјави Рускоска.
Обвинителката кажа и дека откако е отворена предистражната постапка а потоа и истрагата, на обвинителството му пристапиле и други сведоци. Но, одговори дека за тие пријави се уште нема доволно материјални докази, па затоа истрага е отворена само за една од пријавите. Прашана за улогата на Катица Јанева, Рускоска објасни дека специјалната обвинителка засега не е под никакви мерки, ниту пак е предмет на следење. Единственото дејствие против нејзе е одземањето на телефонот, чие вештачење Рускоска очекува да биде готово во понеделник. Вториот телефон на Катица Јанева се уште не е пронајден.

На прашањата, дали истрагата за „Рекет“ може да ја сруши истрагата „Империја“, Рускоска објасни дека тој предмет нема да пропадне ако се усвои предлог-законот на Владата за Јавното обвинителство. Според обвинителката, и покрај тоа што Врховниот суд донесе мислење дека СЈО не е овластен тужител за сите предмети кои тоа обвинителство ги отвори по 30 јуни 2017 година, новиот закон остава можност тие да се работат.
„Откако Врховниот суд го донесе тоа несреќно мислење, сметам дека и да остане така, сега новово обвинителство може да го почне од почеток. Да ги собира доказите и апсолутно не сметам дека било кој од предметите, ако има доволно докази и ако не застари, нема да пропадне“
изјави Рускоска.
Освен „Империја“, меѓу „новите“ предмети на СЈО е и „Талир“. Станува збор за две обвиненија, едното за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ а другото за изградбата на новото седиште на оваа партија во центарот на Скопје. Повеќе детали за потенцијалното влијание на овој случај во политичките преговори за новиот Закон за јавното обвинителство можете да прочитате ТУКА.
Рускоска доби и прашања за предлогот на премиерот таа да го води новото обвинителство, за гонење на организиран криминал и висока корупција. Таа објасни дека законот не навлегува во персонални решенија, туку дека предвидува спојување на СЈО во ОЈО за гонење на организиран криминал каде таа како шеф е избрана од Советот на јавни обвинители и има мандат од уште три и пол години. Во случај на гласање да оди актуелното предложено решение, таа се согласува да останат гаранциите за финансиска независност на „новото“ обвинителство, на кажа и дека треба да му се намалат дел од ингеренциите. Пред се, Рускоска не се согласува обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција да се застапува себеси и на прв и на втор степен, односно и пред Основен и пред Апелационен суд. Повика да се зачува актуелната хиерархиска поставеност, и во втор степен, застапник да биде Вишото обвинителство.