Русија креира нови учебници, со своја верзија на историјата, и се обидува на „брза лента“ да ги менува фактите за инвазијата врз Украина, која досега однесе десетици илјади животи. Намерата на властодршците во Москва е уште од најмала возраст на руските деца да им се вгради руски „патриотски“ наратив кој во суштина е дел од пропагандната машинерија
Министерството за образование на Русија ги претстави новите учебници по историја со делови за, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина, анексијата на Крим, како и санкциите на Западот кои следеа по 24 февруари 2022 година.

Новите учебници го поддржуваат официјалниот наратив на Кремљ – дека станува збор за ослободување на Украина од „нацистичкиот режим“ и вклучуваат мапи кои ги прикажуваат окупираните региони како дел од Русија. Во книгите Украина е претставена како „ултранационалистичка држава“ во која се прогонува сè што руско. Авторите им укажуваат на учениците дека кога на интернет бараат информации за Украина, треба да запомнат дека постои и „глобална индустрија за производство на изведени видеа и лажни фотографии и видеа“.
Рускиот министер за образование Сергеј Кравцов на почетокот од неделата изјави дека учебниците вклучуваат делови за причините за почетокот на „специјалната воена операција“, целта на „специјалната воена операција“, денацификацијата, демилитаризацијата и вклучувањето нови региони во состав на Руската Федерација.
Кравцов порачува дека учебниците по историја ќе претрпат уште една ревеизија штом, како што рече, Русија победи во Украина.
Дел од бројната руската емиграција во Европа која не се согласува со политиките на претседателот Путин вели дека испишувањето „нова историја“ не е ништо ново во начинот на кој Кремљ се обидува да ги оправда своите постапки, но и истовремено да ја засили индоктринацијата кај младата популација.
„Има засилување на напорите за училишна индоктринација преку учебниците, содржината на наставната програма и воннаставните активности во Русија од 2014 година наваму, со паралелен притисок врз наставниот кадар да промовира исклучиво патриотски наратив“,
вели Катерина Тертичнаја, вонреден професор по компаративна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Во новите учебници се вметнати и цитати од говорот што Владимир Путин го одржа при најавата на својата одлука да ја нападне Украина.

Наставната програма вклучува претходно снимени видеообраќања на највисоките руски функционери, вклучувајќи ги министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и првиот човек на Руската православна црква, патријархот Кирил. На руските ученици, уште од прво одделение, интензивно им се сервираат теми како „Повторно обединување со Крим“, „Традиционални семејни вредности“ и „Русија е лидер во нуклеарната индустрија“.
Парадоксално, во сегменти од учебниците се тврди дека „Русија е земја која ги почитува слободата и суверенитетот на другите држави“.
„Промените во образованието се дел од многу поширока трансформација на националната култура во Русија во хиперпатриотска и хипернационалистичка“,
вели историчарот Иан Гарнер за бранот нови наративи со кои Кремљ се обидува да влијае врз младата руска популација.