Според гувернерот на регионот Смоленск, во нападите полесно било повредено едно лице, а помала штета претрпела зграда во овој регион
Единиците на руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 122 украински беспилотни летала насочени кон главниот град Москва и неколку други региони во земјата, при што е повредено најмалку едно лице, соопштија утрово руските власти.

Инаку, Министерството за одбрана на Русија не објавува податоци за бројот на лансирани беспилотни летала, туку само бројот на пресретнатите дронови.
Според објавата на Министерството на апликацијата за пораки Телеграм, повеќе од половина од беспилотните летала биле уништени над регионите Белгород, Курск и Брјанск, што граничат со Украина, додека три беспилотни летала се уништени над Московскиот Регион.
„Едно лице е полесно повредено, а цивилен објект претрпе помала штета во регионот Смоленск, што граничи со Белорусија“,
изјави регионалниот гувернер Василиј Анохин.
Според гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков, во напад на украински беспилотни летала што се случил вчера загинале три лица, а најмалку 17 биле повредени.
Новинската агенција Ројтерс наведува дека засега не може независно да се потврдат извештаите за нападите, а нема ниту непосреден коментар од страна на Киев.
Вчера во руски напад со касетна бомба од 500 килограми врз градот Добропиља на истокот на Украина загинаа две лица, а повеќе од 20 беа повредени.
Во нападот, како што соопшти гувернерот на регионот Донецк, Вадим Филашкин, биле оштетени 30 комерцијални објекти и повеќе од 300 станови во околните згради.
Украинскиот претседател, во своето редовно вечерно видеообраќање, го опиша нападот како ужасен руски терор без никаква воена логика.