Змискиот Остров, кој Русија го окупира на првиот ден од инвазијата, стана симбол на отпорот за Украина, кога граничарите стационирани таму ги одбија руските барања да се предадат
Руските сили се повлекоа од Змискиот Остров во близина на украинскиот брег во Црното Море како „знак на добра волја“, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Министерството соопшти дека овој потег покажува дека Русија не ги попречува напорите на Обединетите нации за организирање хуманитарен коридор за извоз на земјоделски производи од Украина.
Украина, пак, соопшти дека нејзините сили ги принудиле руските војници да го напуштат Змискиот Остров.
Контролата врз Змискиот Остров, лоциран на околу 40 километри од украинскиот брег, претходно ѝ овозможи на Русија да ги загрози морските патишта што водат до и од Одеса, главното украинско пристаниште за извоз на жито во светот.
Змискиот Остров, кој Русија го окупира на првиот ден од инвазијата, стана симбол на отпорот за Украина, кога граничарите стационирани таму ги одбија руските барања да се предадат. Бродот „Москва“ потоа го бомбардираше островот.