Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека сè уште не може да обезбеди помош за опколениот Мариупол и нагласи дека бара од Русија и Украина да гарантираат безбеден премин
Руските сили го напуштиле градот што се наоѓа во околината на нуклеарната централа Чернобил по протестите на жителите.
Ројтерс, повикувајќи се на видеоизјавата на градоначалникот на Славутич, Јуриј Фомичев, утрово објави дека војниците ја завршиле работата „која ја наумиле“ и го напуштиле градот.
Руските сили во саботата ја презедоа контролата врз Славутич и накратко го приведоа градоначалникот.
Но, поради окупацијата, стотици жители излегоа на улиците носејќи знамиња, по што тој подоцна беше ослободен.
Во Славутич живеат главно работниците потреб ни за одржување на сега веќе офлајн нуклеарната централа Чернобил – место на нуклеарната катастрофа во 1986 година.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ја обвини Русија за „неодговорни“ и потенцијално опасни дејствија околу окупираната електрана во Чернобил.
Местото на најтешката нуклеарна несреќа во светот беше заземено набргу откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.
Верешчук ја обвини Русија за „милитаризација“ на локацијата и транспортирање на старо и лошо одржувано оружје во нејзина близина, што, според неа, може да влијае на одржување на безбедноста околу нејзиниот четврти реактор кој не е во функција.
Таа, исто така, ги обвини руските војници дека ги спречуваат пожарникарите да се справат со големиот број пожари во областа.
„Во контекст на нуклеарната безбедност, неодговорните и непрофесионални постапки на руските војници претставуваат многу сериозна закана не само за Украина, туку и за стотици милиони Европејци“,
рече таа.
Во своето последно ажурирање за ситуацијата во Украина, британското Министерство за одбрана објави дека нема „значителна промена во распоредот на руските сили во земјата“ во последните 24 часа.
Тие, исто така, велат дека „тековниот логистички недостиг е надополнет со континуиран пад на моралот кај руската војска и агресивниот одговор од страна на Украинците“.
Тие додаваат дека Русија добила најмногу позиции на југот во близина на градот Мариупол, каде што продолжуваат тешките борби додека Русија се обидува да го заземе пристаништето.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека сè уште не може да обезбеди помош за опколениот Мариупол, бидејќи бара од Русија и Украина да гарантираат безбеден премин.
„Страните треба да бидат гаранти и да имаат договор да овозможат безбедно поминување. Тие треба да ја објават рутата и да им овозможат многу повеќе време на луѓето да излезат“,
изјави портпаролот на МКЦК, Мет Морис за Би-би-си, додавајќи дека во моментов нема тим кој може да пристапи.
Меѓународното хуманитарно право, рече тој, „бара на луѓето да им се дозволи да си заминат, но не да бидат принудени да си заминат“.
Многу жители на Мариупол со недели се засолнуваат во визби, без храна, вода и лекови.
Украина ја обвинува Русија дека насилно преселила илјадници цивили од разурнатиот град во областите под руска контрола. Русија негираше каква било принуда, но пријави евакуација под руска придружба.
МКЦК вели дека никогаш не помага присилна евакуација и негира каков било план да ѝ помогне на Русија во тоа.