Тој е обвинет за убиство на невооружен 62-годишен цивил во првите денови од руската инвазија, а неговото судење е првото за воено злосторство во Украина. Доколку биде прогласен за виновен, на рускиот војник Вадим Шишимарин (21) му се заканува доживотен затвор
Рускиот војник Вадим Шишимарин (21), кому му се суди за воени злосторства во Украина, денеска се изјасни за виновен за убиство на невооружен цивил, за што е и обвинет, јави Би-би-си.
Тој е обвинет за убиство на невооружен 62-годишен цивил во првите денови од руската инвазија, а неговото судење е првото за воено злосторство во Украина. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува доживотен затвор.
Како што претходно објави Би-би-си, според обвинителите, Шишимарин бил во украдено возило со други војници во североисточниот украински регион Суми, кога наишле на 62-годишен велосипедист.
Наводно, на Шишимарин му било наредено да пука во цивилот, со цел да го спречи да им ја открие локацијата од руските војници на украинските бранители.
„Со ова прво судење праќаме јасен сигнал дека секој извршител, секое лице што наредило или помогнало во вршење на злосторство во Украина, нема да избегне одговорност“,
изјави главната обвинителка Ирина Венедиктова.
Обвинителите велат дека би можеле да претстојат повеќе судења откако ќе се идентификуваат илјадници потенцијални злосторства извршени од руските сили.
Во меѓувреме, официјална Москва негираше оти целта на нејзините војници биле цивили, а Кремљ тврди дека нема информации за судење на руски војник и го обвинува Киев за измислување обвиненија.