Пред само неколку недели, најголемиот број состаноци и ангажмани беа спроведени преку видеоврска, а неколку луѓе што биле на средба со него мораа да поминат низ период на изолација
Рускиот претседател Владимир Путин е во самоизолација, откако повеќемина од неговото опкружување имаат ковид-19.
„Се работи за лица во мојата околина, не станува збор за едно или две лица, туку за десетина луѓе кои се заразиле со коронавирус“, рече Путин на видеосостанокот на Заедничката организација за договор за безбедност.
Самитот на Организацијата се одржува во Душанбе, Таџикистан.
Путин додаде дека ќе мора да остане во изолација „уште неколку дена“.
Тој во вторникот објави дека ќе мора да се изолира и да го откаже учеството на неколку самити, бидејќи бил во контакт со луѓе кои се заболени со ковид-19. Тој рече дека смета оти руската вакцина „Спутник В“ ќе спречи да се разболи.
Пред само неколку недели, најголемиот број состаноци и ангажмани беа спроведени преку видеоврска, а неколку луѓе што биле на средба со него мораа да поминат низ период на изолација.
Русија е една од земјите во светот со голем број починати од коронавирус, а вакцинацијата е бавна поради отпорот кај населението. Земјата е особено погодена од новиот сој на вирусот – делта, кој се шири од јуни.
Според статистичката агенција Росстат, околу 350 000 Руси починале од ковид-19 до крајот на јули 2021 година. Според пресметките на порталот „Гогов“, само 27,5 проценти од Русите досега биле целосно вакцинирани.