Околу 1 200 војници и 250 возила, како и еден авион ќе учествуваат во вежбата што ќе се одржи меѓу центрите за обука на Крим и блиската провинција Краснодар
Стотици руски падобранци оваа недела ќе одржат вежби во близина границата со Украина, соопшти руското Министерство за одбрана, а пренесува МИА. Околу 1 200 војници и 250 возила, како и еден авион ќе учествуваат во вежбата што ќе се одржи меѓу центрите за обука на Крим и блиската провинција Краснодар.
Министерството соопшти дека војниците ќе симулираат освојување област како дел од офанзивна операција.
Во меѓувреме, рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, изјави дека Русија не се подготвува за воена инвазија на Украина, откако потегот на Москва со масовно распоредување војници на нејзината територија во близина на украинската граница го вознемири Западот.
„Русија не планира напад врз ниту една земја. Ве уверувам дека руските трупи во моментов не се подготвуваат за инвазија на Украина“,
рече Чижов за германскиот весник „Ди велт“, а пренесува МИА.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот изјави дека Русија нема простор за повлекување во конфликтот со САД околу Украина и дека ќе биде принудена остро да одговори доколку Западот не се откаже од својата „агресивна линија“.