Руските истражувачи соопштија дека ја модификувале вакцината против коронавирус „спутник В“, која се користи повеќе од една година, за употреба против позаразниот делта-сој на вирусот.
„Вакцината што ја модификувавме веќе е во фрижидер“,
изјави Александар Гинцбург, директор на Институтот „Гамалеја“ и додаде дека е прерано да се зборува за ефикасноста на вакцината.
И другите произведувачи во светот веќе работат на измени на своите вакцини за да бидат поефикасни во борбата против делта-варијантата.
Истовремено Гинцбург се залага за употреба на „спутник лајт“, како трета доза за оние што примиле две дози од „Фајзер/Бионтек“.
Според официјалните податоци, досега во Русија се вакцинирани 41,5 милиони луѓе, или 28,4 проценти од населението, од кои 33,5 милиони двапати, што значи 22,9 проценти се целосно вакцинирани.
Европската Унија сè уште работи на одобрување за „спутник В“ и во повеќе наврати ја критикуваше Русија дека не обезбедила доволно податоци за да придонесе за одобрување на вакцината на ниво на ЕУ. Сепак, земјите од ЕУ можат индивидуално да одлучат за употреба на „спутник В“, како што го направи тоа Унгарија, додека во Германија оваа вакцина не се признава.