Украинските државни железници објавија дека железничката станица во Одеса е оштетена за време на нападот, а оштетени биле електрични водови и шини
Едно лице загина, а најмалку 14 се повредени откако изминатата вечер руски беспилотни летала го нападнаа украинскиот град Одеса на Црното Море, оштетувајќи висококатници и железничка инфраструктура.
Одеса, како најголемото украинско пристаниште на Црното Море е клучно за увоз и извоз, и од почетокот на војната меѓу Русија и Украина постојано е цел на руски ракетни и беспилотни напади.

„Има штета на цивилната инфраструктура, вклучувајќи станбени згради, високообразовна институција, гасовод и приватни возила“,
изјави локалниот гувернер Олех Кипер на Телеграм.
Кипер објави фотографии од запалени куќи и опожарени повеќекатници до темел.
За време на нападот, како што информира локалната служба за итни случаи, се регистрирани најмалку 10 удари со беспилотни летала врз станбени згради, при што се предизвикани големи пожари.
Според Ројтерс, украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала 86 беспилотни летала на Украина во текот на ноќта.
Воени извори изјавија дека единиците за воздушна одбрана собориле 34 дрона, додека 36 биле пријавени како изгубени или биле имитации на дронови што не носеле боеви глави.
Сепак, војската објави дека беспилотните летала погодиле осум локации.
Украинските државни железници објавија дека железничката станица во Одеса е оштетена за време на нападот, а оштетени биле електрични водови и шини.
Руски беспилотни летала го нападнаа и Харков, во североисточна Украина, оштетувајќи неколку приватни куќи и повеќекатници, соопштија градските власти.