Романските воздухопловни сили испратиле два ловци Ф-16. Воздушната тревога траеле околу 90 минути. Руски напади во текот на ноќта имало и во Запорожје, југоисточна Украина. Како што соопшти началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров, во нападите загинале две лица, а десет, меѓу кои и четири деца, биле повредени

Русија во текот на ноќта изврши масовен напад со беспилотни летала врз Украина, во близина на романската граница, што ги натера романските власти да прогласат тревога во северниот дел од округот Тулча, предупредувајќи за можни предмети што паѓаат од воздушниот простор.
Романските воздухопловни сили испратиле два ловци Ф-16. Воздушната тревога траела околу 90 минути.
„Во ноќта помеѓу 5 и 6 август, руските сили извршија масовен напад со беспилотни летала врз цивилната инфраструктура во украинскиот регион Измаил, во близина на границата со Романија. Радарот на Министерството за одбрана откри воздушни цели во украинскиот воздушен простор, во близина на округот Тулча. Во 01:10 часот, населението на северниот дел од округот беше предупредено преку порака РО-Алерт“,
соопшти романското Министерство за одбрана.
Во соопштението се додава дека романските авиони Ф-16 биле подигнати за да го следат националниот воздушен простор, но не бил регистриран неовластен влез во романскиот воздушен простор. Министерството, исто така, објави дека ќе спроведе дополнителни проверки на терен и дека сојузниците на НАТО биле известени во реално време.
Експлозиите во Украина биле видливи од романскиот брег на Дунав, од градовите Галаци и Браил.
„Проценетото времетраење на воздушната тревога беше околу 90 минути, а кратко по издавањето на пораката РО-Алерт, беа снимени неколку повици до 112 во кои се пријавуваат пожари во градот Тулча и во близина на Исакчеа. Сепак, противпожарните екипи не го потврдија постоењето на овие пожари“,
наведуваат службите за итни случаи.
Тие објаснуваат дека пожар што избувнал на украинска територија во близина на границата ги измамил повикувачите да помислат дека пожарот е поблиску до нив. Силите за итни интервенции останале на терен за да ја следат ситуацијата и да бидат подготвени да реагираат доколку е потребно.
Двајца убиени, 10 повредени во руски напади во Запорожје
Руски напади во текот на ноќта имало и во Запорожје, југоисточна Украина. Како што соопшти началникот на регионалната воена администрација, Иван Федоров во нападите загинале две лица, а десет, меѓу кои и четири деца, биле повредени.
Тој, исто така, на Телеграм објави дека во текот на изминатите 24 часа биле извршени 567 напади во 16 населени места во Запорожје. Во административниот центар на регионот, градот Запорожје, рано утрово биле оштетени девет згради, додаде тој.
Досега нема коментар од руска страна.
Запорожје е на фронтовската линија од самиот почеток на војната во Украина, која започна со целосна инвазија на Русија на соседната земја на 24 февруари 2022 година.
Двете страни во конфликтот негираат дека таргетирале цивили. Сепак, илјадници цивили се убиени од почетокот на војната, од кои огромното мнозинство се Украинци.
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле 36 од 45 дронови испратени од Русија во текот на ноќта.