Одговорноста за нападите ја презела руската хакерска група „Килнет“ објавувајќи дека тоа е одмазда за одлуката на Литванија да го забрани транспортот на руска стока преку нејзината територија до руската ексклава Калининград
Државни и приватни институции во Литванија се најдоа на удар на голем DDOS напад (негирање на услуга), се наведува во соопштението на литванскиот национален Центар за кибербезбедност, пренесено од тамошното Министерство за одбрана.
„Многу е веројатно таквите или уште посилни напади да продолжат и во наредните денови, особено во транспортниот, енергетскиот и финансискиот сектор“,
додаваат од Центарот.
Беа нападнати и безбедните мрежи што ги користат овие институции, се додава во соопштението.
Одговорноста за нападите, како што пренесоа британските медиуми, ја презела руската хакерска група „Килнет“ објавувајќи дека тоа е одмазда за одлуката на Литванија да го забрани транспортот на руска стока преку нејзината територија до руската ексклава Калининград.
„Нападот ќе продолжи сè додека Литванија не ја укине блокадата. Уништивме 1.652 веб-извори. И тоа е само досега“,
изјави портпаролот на „Килнет“ за британските медиуми.
Калининград е поврзан со остатокот од Русија со железница преку Литванија, која е членка на Европската унија и НАТО.