Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање не се осврна на наводните прекршувања на примирјето, велејќи дека Украина ќе се придржува до привремениот прекин на огнот
Гувернерите на Курск и Белгород тврдат дека украински дронови нападнале цели во двата руски погранични региони, при што се повредени пет лица, јави Ројтерс. Нападите биле пријавени по официјалниот почеток на 32-часовното велигденско примирје помеѓу Русија и Украина што започна попладнево.

Гувернерот на Курската Област, Александар Хинштејн, објави дека украински дрон погодил бензинска пумпа во градот Лгов, при што биле повредени три лица, меѓу кои и едно дете. Тврди дека нападот се случил нешто по 16 часот попладнето, односно по почетокот на примирјето.
Во соседната област Белгород, според наводите на гувернерот Вјачеслав Гладков, две лица се повредени во напад со украински беспилотни летала. Гувернерот на Белгородската Област не посочи конкретно кога се случиле инцидентите, но неговата објава се појави откако прекинот на огнот стапи во сила.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање не се осврна на наводните прекршувања на примирјето. Тој повтори дека Украина ќе се придржува до привремениот прекин на огнот и додаде дека исправно би било тој да продолжи и по истекот на зададените 32-часа.
