Комисијата за човекови права го критикуваше законот како начин за произволно приведување граѓани
Рускиот парламент усвои контроверзен закон оваа недела со кој полицијата има право да претресува куќи и автомобили без налог, објавија локалните медиуми.
Според законот потпишан од претседателот Владимир Путин кон средината на неделата, полицајците сега можат да влегуваат во куќи и станови без налог, дури и ако луѓето внатре не се официјално идентификувани како осомничени, пишува порталот themoscowtimes.com.
Последниот закон им дава на полициските службеници овластување да ги претресуваат личните предмети „доколку постојат основи за сомневање“ дека поседуваат дрога, експлозиви или украдена стока.
Според новиот закон, лицата кои стапуваат во контакт со руски полицајци се должни да ги наведат целосните имиња и да приложат лични документи по барање.
Полицајците исто така се овластени да блокираат не само места на злосторства, туку и масовни собири и други нејасно дефинирани области кои се сметаат за „опасни“ за граѓаните.
Пратениците велат дека измените на рускиот закон за полиција им даваат на службениците овластувања како и Националната гарда.
Путин го потпиша законот една и пол година откако пратениците го доставија на разгледување.
Комисијата за човекови права го критикуваше законот како начин за произволно приведување граѓани.