Групата објави на Телеграм дека ги вратила сите регионални центри во земјата под контрола на воената хунта на Мали, потиснувајќи ги исламистичките сили и убивајќи ги нивните команданти

Руската платеничка група „Вагнер“ денес објави дека го напушта Мали по три и пол години борба против исламистичките милитанти, откако нејзината мисија во таа африканска земја, како што велат, е „успешно завршена“.
Групата објави на Телеграм дека ги вратила сите регионални центри во земјата под контрола на воената хунта на Мали, потиснувајќи ги исламистичките сили и убивајќи ги нивните команданти.
„Во текот на 3,5 години, претставниците на ‘Вагнер’ соработуваа со народот на Мали во борбата против тероризмот. Во овој период, беа уништени илјадници милитанти и нивните водачи, кои со години му се закануваа на цивилното население. Исто така, беше обезбедена помош во формирањето на силна и дисциплинирана армија способна да обезбеди заштита на својата територија. Главната задача – враќање на сите регионални престолнини под контрола на легитимните власти – беше остварена“,
се вели во објавата од „Вагнер“.
„Вагнер“ не сподели што ќе прават борците на групата по враќањето во Русија.
Објавата следи по серија напади во последните недели во кои бунтовниците велат дека се убиени повеќе од 100 малиски војници, како и некои платеници.
Џама Нусрат ул-Ислам ва ал-Муслимин (JNIM), бунтовничка група во регионот Сахел во Западна Африка, ја презеде одговорноста за насилството во последните денови, вклучително и бомбашкиот напад врз малиски и руски војници во близина на главниот град Бамако пред неколку дена.
„Вагнер“ дејствува во Мали откако војската, која ја презеде власта со државни удари во 2020 и 2021 година, ги истера француските сили и силите на ОН вклучени во борбата против исламистичките бунтовници една деценија и ги замени со руски платеници.
Сепак, повлекувањето на „Вагнер“ од Мали не значи дека западноафриканската земја ќе остане без руски борци, бидејќи релативно новиот руски Африкански корпус сè уште останува во Мали.