Како што соопшти Дирекцијата за комуникации на кабинетот на турскиот претседател Ердоган, разговорите меѓу украинската и руската делегација во Истанбул се планирани за вечерва во 19 часот во палатата Чираган, каде што се одржа претходната средба
Руска делегација предводена од Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, пристигна во Истанбул, каде што вечерва ќе се одржи третата рунда преговори со Украина.
Во рамките на делегацијата се и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галужин, началникот на Главната управа на Генералштабот на руската армија Игор Костјуков, како и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.

И украинската делегација е во Истанбул. Проширена е за 12 до 14 членови. Во неа се вклучени и претставници на канцеларијата на Омбудсманот и на Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Претходно, украинската делегација беше во Анкара, каде се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Како што соопшти Дирекцијата за комуникации на кабинетот на турскиот претседател Ердоган, разговорите меѓу украинската и руската делегација во Истанбул се планирани за вечерва во 19 часот во палатата Чираган, каде што се одржа претходната средба.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека на состанокот ќе се разгледуваат нацрт-меморандуми што двете страни ги разменија во претходната рунда.
Притоа, се очекува да се разговара и за продолжување на размената на воени заробеници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека делегацијата ќе инсистира да се разговара на темите за враќање на украинските заробеници и деца пренесени на територијата на Русија, како и за подготовка за потенцијална средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.
Двата последователни состаноци во Истанбул меѓу руската и украинската делегација, организирани од американскиот претседател Доналд Трамп, донесоа мал напредок во однос на прекинот на огнот, што резултираше само со размена на затвореници и тела на починати војници.
За време на последните разговори во јуни, Русија ги повтори своите барања, вклучително и отстапување на четири региони на Украина покрај Крим, анектиран во 2014 година, како и откажување од целата западна воена помош и членството на Украина во НАТО.
Украина ги отфрли овие барања, сметајќи ги за ултиматум.
Кремљ, сепак, изрази подготвеност да ги продолжи преговорите со Украина откако Трамп ѝ даде на Русија 50 дена можност да преговара за договор или да се соочи со строги санкции, како и да продолжи со снабдување со оружје на Киев.
Украина и Русија во мај започнаа директни разговори првпат по повеќе од три години.