Во нападите загина едно лице во областа Фастив, а осуммина се повредени, меѓу кои и едно дете
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека изминатата ноќ руските сили извршиле масовен воздушен напад врз Украина, лансирајќи речиси 300 дронови од типот „Шахед“ и околу 50 ракети, од кои голем дел биле балистички. Главна цел на ударите, рече, била енергетската инфраструктура на земјата. На удар биле Киев и поширокиот регион, како и областите Днепар, Кировоград, Николаев, Одеса, Полтава и Суми. Во нападите загина едно лице во областа Фастив, а осуммина се повредени, меѓу кои и едно дете. Украинскиот претседател информираше оти покрај енергетскиот сектор, оштетени се и станбени згради и дел од железничката инфраструктура.
Оценувајќи дека Москва продолжува да инвестира повеќе во напади отколку во дипломатија, Зеленски презентираше застрашувачка статистика за интензитетот на руските удари само во изминатите седум дена.
„Само оваа недела, Русија лансираше повеќе од 1 300 борбени беспилотни летала против Украина, над 1 400 наведувани воздушни бомби и 96 ракети од различни видови, вклучувајќи десетици балистички. Затоа треба да ја зајакнеме нашата воздушна одбрана. Ни требаат системи што ефикасно се спротивставуваат на балистичките закани“,
кажа тој.
Тој им се заблагодари на сојузниците за помошта во противвоздушни ракети преку иницијативата предводена од НАТО, нагласувајќи дека секој ваков пакет ја штити критичната инфраструктура и го зачувува нормалниот живот.
За синоќешниот инцидент во Лавов, кој Зеленски го оквалификува како терористички напад, потврди дека по информација од министерот за внатрешни работи Игор Клименко, веќе е приведено лицето осомничено за нападот во кој загина полицајка. Таа била дел од тимот што реагирал на пријава за грабеж во продавница. Во инцидентот повредени се уште 25 лица, а според Зеленски, веќе се обезбедени сите ресурси за целосна истрага.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, претходно на Икс напиша дека Русија продолжува да ја поткопува дипломатијата со терористички масовни напади. Тој додава дека преку ноќ десетици хиперсонични, балистички и крстосувачки ракети, како и стотици „шахеди“, нападнале критична инфраструктура и цивили во Украина.
