Руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, испрати нота до бугарското Министерство за надворешни работи во која наводно стои дека доколку одлуката на бугарската влада за протерување на 70-те руски дипломати не биде поништена до петок до 12 часот, руската амбасада во Софија ќе побара од властите во Москва затворање на руската амбасада во Софија, објави сајтот Епицентар, повикувајќи се на дипломатски извори.
Претходно, Бугарија објави дека ќе протера 70 руски дипломати, за кои и премиерот во заминување, Кирил Петков, информираше дека работеле против бугарските интереси.
Митрофанова пак, на денешниот онлајн брифинг, како што пренесува МИА, посочила дека дури ниту за време на Втората светска војна, Бугарија и Русија не ги прекинале дипломатските односи и работеле амбасадите на двете земји.