Харков, кој се наоѓа на североисток во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години
Руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загина едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални претставници.

Харков, кој се наоѓа на североисток во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа беа повредени најмалку 46 лица, вклучувајќи две деца и една бремена жена, изјави регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидуваат да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Рускиот претседател Владимир Путин завчера најави тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков Ихор Терехов, изјави дека вчера неколку делови од градот биле цел на напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, што е намалување во однос на речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.
„Врз Харков беа изведени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни домови, медицински објект и цивилна инфраструктура“,
напиша Терехов на Телеграм.
Украинскиот јавен радиодифузер Суспилне објави фотографии од пожарникари кои се борат со пожарот. Суспилне објави дека едно беспилотно летало удрило во осмиот кат од станбена зграда. Според извештаите, биле погодени две медицински установи. Во југоисточниот град Днепар, беспилотните летала предизвикале пожари, при што загинал 53-годишен маж, а друго лице било повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“,
напиша Лисак на Телеграм.
Тој рече дека во текот на ноќта девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот. Целосниот обем на синоќешниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека таргетирале цивили.
Масивен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец уби четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.