Руските граѓани во барањето за виза ќе мора да достават повеќе документи, отколку што е потребно сега, предвидува предлогот
За да добијат виза за влез во ЕУ Русите ќе плаќаат 45 евра повеќе – наместо сегашните 35, сумата да биде 80 евра. Рокот за конзулатите што издаваат визи ќе се зголеми од 10 на 15 денови, а истиот ќе може да се продолжи до најмногу 45 денови кога е потребна подетална проверка на барателот на виза.
Ова е предлогот на Европската Унија (ЕУ) за целосна суспензија на договорот за поедноставување на издавањето визи со Русија и ќе трае сè додека трае и руската инвазија на Украина.
Според предлогот, ќе се ограничи издавање визи што овозможуваат повеќекратен влез во ЕУ и руските граѓани во барањето за виза ќе мора да достават повеќе документи, отколку што е потребно сега.
Ваквиот предлог следува откако минатата недела во Прага, министрите за надворешни работи на земјите членки постигнаа политички договор по ова прашање. За да стапи на сила тој треба да биде одобрен од Советот на Европа.
„Сè додека трае руската агресија врз земјата кандидат за членство во ЕУ, не може да има олеснување за руските граѓани да патуваат во Европа“,
истакна потпретседателот на Комисијата за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Шинас.
Тој додаде дека визната политика на ЕУ е „знак на доверба, што Русија целосно ја урна со ништо предизвиканата и неправедна агресивна војна против Украина“.
Договорот за поедноставување на издавањето визи со Русија стапи во сила во јуни 2007 година. Еден ден по почетокот на руската инвазија врз Украина, на 25 февруари, ЕУ делумно го суспендираше за руските бизнисмени.
Photo: EPA-EFE/Ramon van Flymen